Легендарниот бразилски ММА борец, 43-годишниот Антонио Бигфут Силва, конечно ги соблече ракавиците и ги остави на средината на арената, најавувајќи го крајот на кариерата во слободните борби.
Бигфут ја имаше последната победа во кариерата во август 2015 година, кога го победи Соу Палелеи со прекин на настанот на УФЦ.
Оттогаш загуби 12 меча, по еден во бокс и бокс без ракавици, два во кик-бокс и осум во ММА.
Последниот пораз беше претрпен минатиот викенд на настанот Кингдом фајтинг 1 во Гренобл.
Салим Ел Уасаиди го победи Бигфут Силва со едногласна одлука во ММА меч.
Бразилецот по поразот ги остави ракавиците на средината на октагонот, а со објава на социјалните мрежи потврди дека завршил со својата ММА кариера.
„Беше одличен меч и сега сум многу среќен. И двајцата сакавме да дојдеме до нокаут“, рече Бигфут Силва и истакна дека повеќе нема да учествува во ММА борбите:
„Се има свој почеток и крај, а јас сум презадоволен. Професионалните спортисти никогаш не сакаат да ја завршат кариерата. Но, сè има рок на траење. Со овој спорт се занимавам веќе 19 години“.
View this post on Instagram