Од БК Лирија демантираат дека имале разговор со претседателот на Балкнец, Добре Маринков, во врска со одржувањето (неодржувањето, според Маринков) на двата турнири во Прилеп и Неготино, а, што, впрочем, беше и заклучок на Собранието на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ), по кои треба да се добие екипниот шампион на Македонија.
„Ние, како Лирија донесовме заклучок да учествуваме на двата турнири, а дури во средата дознвме од секретарот на ФБСМ, Љупчо Лазаревски, дека има четири клуба кои не сакаат да учествуваат, а тоа се: Балканец, Бучим, Неготино, 7 Мај Леов. Ќе дознаме што се случува во текот на идната недела кога ќе се одржи седница на Управниот одбор на Федерацијата“, вели претседателот на Лирија, Бетим Вренези.
Исто така, Вренези ги отфрла тврдењата дека има заостанати турнири за Купот на Македонија, а што го освои Лирија.
„Не е вистина дека има заостанати турнири за Купот, сите се одржани. А, како ќе биде за добивање на екипниот шампион, тоа ќе се одлучи на УО во текот на идната недела. Од друга страна, не одлучува ниту Добре ниту Бетим како ќе се добие шампионот на Македонија, туку само УО на ФБСМ“, категоричен е претседателот на Лирија, додавајќи дека мора да има уште два турнири за сениори, како што било порано договорено, и заедно со Државното сениорско и Изборното државно да го дадат екипниот сениорски првак.
Го пренесуваме во целост текстот што го објавивме на 24 ноември под наслов: „Балканец шампион без двата турнира“.
Идните две недели, 29 ноември и 5 декември во Прилеп и Неготино требаше да се одржат сениорски турнири, преку кои требаше да се добие новиот државен првак во борење. Таква одлука беше донесена и на последното годишно собрание на ФБСМ. Но, дознаваме, тие турнири нема да се одржат. Ќе важат резултатите од првите два турнира.
Како што стојат работите, на првите два турнира најуспешна беше екипата на Балканец, а тоа значи дек аштипскиот клуб ќе ја освои 26-тата државна титула во сениорска конкуренија. Претходно, Лирија го освои Купот на Македонија, иако сите првенства не беа завршени.
„Разговарав со претставниците на Бучим и Лирија и тие беа категорични дека нема да учествуваат на овие турнири. Штом трите најдобри клубови не се подготвени за учество на турнирите, истите нема да се одржат. Балканец ќе биде прогласен за државен првак во сениорска конкуренција, бидејќи на двата турнири годинава бевме најдобри и освоивме најмногу бодови“, изјави Добре Маринков од Балканец.
Управниот одбор на ФБСМ доправа треба закаже седница и да расправа за оваа работа.
Состојбите во Балканец и натаму статус кво. Централниот регистер на Македонија не прифати да се запише раководството на Балканец кое беше избрано на вонредното Собрание на клубот. Така, во Централниот регистер останува запишано името на Добре Маринков, како претседател на клубот. Со ова не се помируваат учесниците на вонредното Собрание, кои јавно и преку Фејсбук, го поканија досегашното раководство да присуствува на ново закажаното вонредно Собрание на Балканец, како што предвидуваат прописите. Очигледно, продолжува поделеноста меѓу боречките работници во Штип, што не е добро ни за македонското борење.