Борачите на Балканец овој викенд ќе настапат на два фронта, односно два меѓународни турнири во Србија и Косово.
Првиот турнир е „Президент купот“ во Белград (Србија), кој се одржува по трети пат, а борачите ќе настапат во грчко-римски стил во пионерска конкуренција родени 2001/03, кадетска 1999/2000 и јуниорска 1997/98 конкуренција.
За Балканец ќе настапат: Дарио Димитров, Филип Тасев, Тео Стојков, Дарко Иванов и Петар Тодев.
Турнирот е во организација на боречкиот клуб Црвена Звезда и може да се каже дека ќе биде мини светско првенство за млади борачи, бидејќи е најавено учество на преку 700 борачи од триесетина земји.
Дел од сениорите и младинците на БК Балканец во слободен стил ќе настапат на турнирот „Сува река 2016“ во Косово. Балканец ќе го претставуват следниве борачи: Стефан Никовски, Бобан Савев, Михаил Николов, Аце Донев, Давор Тасев и Џан Демиров.
„Очекуваме нашите борачите да прикажат одлични борби и да се вратат со медали од двата турнира“, велат од Балканец.