Боксерскиот тренер Александар Арсовски, во саботата на емисијата „Стадион“ емитувана на Канал 77 говореше за боксот.
Како што кажа тој, во последните години боксот во Македонија е премногу маргинализиран, бидејќи речиси и да нема вложувања.
„Македонија денес затајува од некогашната доминација на боксерскиот ринг, единствено денес се сеќаваме на медалите од времето на Југославија. Без искрена волја и вложувања никогаш нема да имаме професионализам. Неопходни се брзи реформи и спроведување на поттикнувачки систем за мотивација на младите боксери, а не и тој успех што го имаат да им биде неутрализиран и потиштен. До сите чесни намерници кои сакаат да помогнат на боксот, апелирам дека големите резултати следуваат само по претходно креирање на сериозна програма и долги подготовки“, вели Арсовски.
Арсовски говореше и за учеството на македонските спортисти на меѓународните натпревари, но и за олимпијците без норма, а даде и свој коментар кон работата на Владимир Богоевски, спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет.
„Не бараме Олимпискиот комитет да создава спортисти, тоа веќе го направивме со Петар Арсовски, но некако успехот остана под тепих. Нема да давам критики кон нивната политика, но работата и должноста на овој комитет е да ги реши системските проблеми, а со цел да може да изградиме врвен спорт во земјава. Додека Олимпискиот комитет печали пари, ние тренерите создаваме медалисти. Кога би бил на нивно место, со нивните срамни потези не би имал сон за ноќите мирно да ги преспијам“, вели Арсовски и подвлекува:
„Ако погледнеме наназад низ времето и ги побараме олимписките резултати, едно ќе видиме, боксот и борењето беа двата најтрофејни спорта со кои нашите спортисти учествуваа во тогашната Југославија, и, секако, испишаа историја.
Не треба да ги именувам Олимпијците кој освоија медали токму во овие спортови“.
Арсовски вели дека не сака да прави споредба со останатите спортови, но истакнува дека тоа се факти.
„Боксот и борењето донесоа најмногу медали од ОИ кога бевме во рамките на Југославија“, заклучува Арсовски и додава:
„И токму таму треба да се насочат вложувањата кога е во прашање олимпизмот и спортот. 34 години како сме осамостоени и некако е чудно како овие најтрофејни спортови се маргинализирани до таа мера што младите и воопшто не знаат дека постојат. Одговорност може да бараме секаде, меѓутоа,најодговорни се самата држава и МОК кои ги оставија на маргините без никакви вложувања и медиумска поддршка. Години наназад се форсираат спортови кој не носат никакви национални резултати или, пак, не се олимписки“.
Разговорот со Арсовски почнува 1:25:47.