„Ова признание за мене значи доказ дека мојот успех се вреднува на вистински начин, што не беше случај со мојот брат Дејан во 2017 година кога стана европски сениорски шампион во олимписки категории“, вели најдобрата млада спортистка на Македонија за 2018 година Анамарија Георгиевска која на Светското јуниорско првенство во таеквондо во Тунис го освои бронзениот медал и додава:
„Ова признание го доживувам како огромен мотив за понатаму, но и како одговорност која ми ја дава македонската спортска јавност“.
Во каква конкуренција го избори ова признание и каков настап имала на Светското јуниорско првенство во Тунис Гегоргиевска ќе рече:
„Сметам дека сосема заслужено оваа година на сите избори бев најдобра млада спортистка во нашата држава. Впрочем, бронзениот медал од Светското јуниорско првенство во Тунис ми гарантираше дека ќе бидам најдобра млада спортистка годинава. Бронзен медал на СП со три освоени победи во фулконтактен боречки олимписки спорт е неопишливо чувство. Сакам уште еднаш од срце да се заблагодарам на сите кои ме поддржуваа до овој голем успех, но најмногу на моите тренери“.
Таа истакнува дека во 2019 година акцент ќе стави на тренинзите, затоа што сега е сениор и тоа значи уште посериозен пристап спрема овој олимписки спорт. Анамарија вели дека нејзините тренери изготвиле уште посериозна тренажна програма според која ќе стартува во почетокот на 2019 година.
Во 2019 година ја чекаат повеќе предизвици, но еден е најважен.
„Во 2019-тата ќе настапам на Светското сениорско првенство во Манчестер кое ќе се одржи во мај. Ова ми е прва година како сениор и знам дека конкуренцијата ќе биде пеколна, но јас секогаш одам на медал.
Секако, иако ова ми е прва сениорска година, јас одам и на освојување на олимписка норма за Токио 2020. Моето мото е дека лимит не постои, затоа од се срце и со сите клубски сили одам на високи спортски подвизи кои ќе и донесат гордост на мојата држава Македонија“.
Ipon.mk