Агенцијата за млади и спорт (АМС) денеска ги објави номинациите на најдобрите спортисти изминатата година.
Во категоријата „Спортист на годината“, главен фаворит е Дејан Георгиевски кој на Олимписките игри во Токио го оствари најголемиот успех од осамостојувањето на Македонија, освојувајќи го сребрениот медал во таеквондо. Негови конкуренти се Димитар Ѓоргиев кој стана светски кикбокс-првак во Лидо ди Јесоло, каратистот Емил Павлов кој го го освои сребрениот медал на Светското првенство Дубаи, како и борачот Могамедгаџи Нуров кој заврши како деветти на Игрите во Токио. Еден Исто така, меѓу претендентите за признанието е и фудбалерот на Наполи, Елиф Елмас кој со репрезентацијата на Македонија настапи на Евро 2020.
Кандидатки за признанието Спортистка на годината се Мери Акиевска (бодибилдинг), Викторија Варадинова (кикбокс), Пуликсенија Јованоска (карате), Арбреша Реџепи (џудо) и Дрита Ислами (атлетика).
Конкуренти за признанието најдобар млад спортист на годината се Столе Смилковски (карате), Силвио Мировски (кикбокс) Омар Факиќ (самбо), Теодор Симиќ (кошарка) и Марко Митев (ракомет), додека кај дамите тоа се Михаела Алексовска (кошарка), Анастасија Пожарска (спортско моделарство), Марија Спирковска (борење), Ива Младеновска (ракомет) и Миа Тодорова (кик бокс)
Во категоријата најдобра машка репрезентација се најдоа: фудбалската, ракометната, одбојкарската, карате репрезентацијата и атлетската. Кај жените има само три селекции и тоа: кадетска ракометна селекција, сениорски атлетски тим и кадетски кошаркарски тим.
Во конкуренција за најдобар тренер за 2021 година конкурираат Борче Костовски (теквондо), Дејан Митровски (кикбокс), Александар Кузмановски (карате), Бранимир Јовановски (стрелаштво) и Љубомир Савевски (ракомет). Последната категорија за избор е најуспешно лице спортист со инвалидитет и тука конкурираат Оливера Наковска-Бикова (стрелаштво) и Андреј Стојаноски (пливање).