Американски боксер почина по компликации по операција

Американскиот боксер Карсон Џонс почина на 39-годишна возраст по компликации настанати по операција на хранопроводот.

Џонс, кој забележа 44 победи во 65 професионални борби, беше шампион во УСБА велтер категоријата, НАБА лесна средна категорија, ВБЦ Континентал Америка лесна средна категорија и НАБА УСА лесна средна категорија. Тој стигна до четвртото место на светската ИБФ ранг-листа во велтер категоријата.

Пред една недела, поранешниот ИБФ светски шампион во супер средна категорија, Калеб Труакс, објави на мрежата „X“:

„Боксерска заедницо, треба да се молиме за поранешниот предизвикувач за светската титула Карсон Џонс. Тој имаше компликации за време на хируршкиот зафат и на мојот пријател му требаат сите добри вибрации што може да ги добие.“

За жал, вчера Труакс објави трагични вести.

„Почивај во мир, пријателе. Боксот загуби добар човек, прерано.“

Во јануари, Карсон Џонс на социјалните мрежи ја најави својата операција.
„Во понеделник конечно имам операција на хранопроводот. Едвај чекам. Ова ме излудува. Последните неколку недели јадев најмногу три залаци храна дневно и загубив 16 килограми. Имаше денови кога воопшто не јадев ниту пиев.“

Својата последна борба ја одржа во октомври 2023 година против Џејмс Ворен, кого го победи во втората рунда.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО