Ален Рустемовски го почна ЕП во Софија со победа

Ален Рустемовски го отвори Европското првенство до 23 години со победа.

Нашиот боксер во категоријата до 57 килограми во првото коло беше подобар од Витас Хацуеју и успеа да се пласира во осминафиналните пресметки.

Рустемовски беше супериорен, а противникот во втората рунда можеше да заврши во нокаут, но по двете броења судијата ја прекина борбата.

Следен противник на Рустемовски ќе биде Ирецот Рајан Гејвин Шејн, кој во првата борба беше поуспешен од Тирзоман од Романија.

Денеска во попладневната сесија на првиот ден на првенството во Софија ќе се појават уште двајца македонски боксери. Дион Лена во категоријата до 63,5 килограми ќе боксува со Гагнидѕе од Грузија, додека по него Арјан Исени во категоријата до 80 килограми ќе ги вкрсти ракавиците со Израелецот Илјушнок.

За медалите се борат 327 спортисти од 35 репрезентации, но паричните награди ќе ги имаат и оние кои ќе се пласираат во четвртфиналето. Меѓународната боксерска асоцијација повторно ќе ги поддржи боксерите со значајни парични награди, што не е ништо ново, бидејќи ИБА во последните четири години ги награди своите спортисти на натпреварите за различни возрасни групи.

Сите боксери кои ќе се пласираат во четвртфиналето ќе бидат наградени со парични награди. Четвртфиналистите ќе освојат по 1000 долари. Бронзените медалисти ќе освојат 2000 долари. Вицешампионите ќе бидат наградени со 4000 долари, додека шампионите 8000 долари.

„Поддршката што ја имаме од Меѓународната боксерска асоцијација и претседателот Умар Кремлев е многу важна за целото семејство на ЕУБЦ, а особено за нашите млади боксери. Благодарни сме за ова спонзорство од ИБА“, изјави Кирил Шчекутјев, генерален секретар на ЕУБЦ.

Резултати – Европско првенство У-23:

-57 кг Ален Рустемовски – Витас Хацуеју (ИБАБ) 5-0 ТКО Р2  1/16 финале
-60 кг Ружди Рустемовски – Џек Драјден (Англија) 13 октомври 1/8 финале
-63,5 кг Дион Лена – Лаша Гагнидѕе (Грузија) 0-5 1/16 финале
-71 кг Енис Алиу – Благовест Христов Неделчев (Бугарија) 14 октомври 1/8 финале
-80 кг Арјан Исени – Даниел Илјушонок (Израел) 2-3 1/16 финале
+92 кг Ардијан Аземи – Ловро Павчец (Хрватска)/ Васил Ткачук (Украина) ¼ финале 17 октомври

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО