Александар Усик смета дека Дубоа не може да го достигне нивото на Џошуа

Непоразениот Александар Усик најпрво ги обедини појасите во полутешка на патот кон тронот во тешка категорија, а тоа му успеа во 2018 година во Москва кога го совлада Мурат Гасиев.

Првата одбрана на титулата ја имаше на крајот на истата година против Тони Белју, кого го нокаутира во осмата рунда на настан во Манчестер.

После тоа, се искачи во тешка категорија и во октомври 2019 година го победи Чез Витерспун со прекин по седмата рунда.

Следната година го победи Дерек Чисора на поени, а потоа во септември 2021 година на стадионот на Тотенхем во Лондон, го победи Ентони Џошуа и ги освои шампионските појаси на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО во тешка категорија.

Усик во реваншот беше подобар од Еј Џеј, а лани во август ги одбрани појасите против Даниел Дубоа со нокаут во деветата рунда.

Но, на тој меч украинскиот борец се најде на подот по еден од ударите на Даниел во петтата рунда, а судијата Луис Пабон сметаше дека тоа е низок удар, па Александар доби уште малку време да се опорави.

Промоторот на Дубоа Френк Ворен поднесе жалба на одлуката по мечот, но жалбата беше одбиена, а Даниел не доби реванш против Усик.

Во следната борба во средината на мај на боксерскиот спектакл во Ријад, Усик го победи Тајсон Фјури со поделена одлука и стана неприкосновен шампион во тешка категорија.

Бидејќи Усик и Фјури се договорија за реванш на крајот на годината, Украинецот неодамна го ослободи шампионскиот појас на ИБФ, за кој на 21 септември на Вембли ќе се борат Даниел Дубоа и Ентони Џошуа.

А бидејќи Усик се бореше со двајцата, неодамна ги спореди Ентони Џошуа и Даниел Дубоа во интервју за Боксинг њуз.

„Го почитувам Даниел Дубоа. Му посакувам многу среќа и нека еден ден стане шампион, го заслужува тоа, бидејќи добро тренира“, изјави Александар Усик и додаде:

„Не постои начин да се споредат Дубоа и Џошуа, бидејќи се сосема различни борци. Имаат различни вештини и се сосема различни боксери. Искрено, мислам дека Дубоа не може да го достигне нивото на Џошуа. И тоа е вистина“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО