Александар Усик сака реванш со Даниел Дубоа на Вембли

Поранешниот неприкосновен шампион во тешка категорија, Украинецот Александар Усик, зборуваше за потенцијалниот реванш со Британецот Даниел Дубоа.

Да потсетиме дека првата борба меѓу Александар Усик и Даниел Дубоа се одржа во август 2023 година во Полска и заврши со победа на Украинецот со нокаут во деветата рунда. Потоа имаше контроверзи околу настаните од петтата рунда, кога Усик падна на подот по ударот на Дубоа, што беше утврдено од страна на судијата Луис Пабон како удар во препоните.

Соодветно на тоа, на Усик му беа дадени максимални пет минути да се опорави. Но, и покрај тоа што изјави дека е подготвен да продолжи понатаму, Пабон го повика Усик да искористи повеќе време. На крајот, Усик искористи три минути и четириесет и пет секунди пред да продолжи борбата. Дубоа и до ден- денес верува дека бил ограбен во таа борба и дека неговиот удар не бил во препоните.

Затоа, реваншот има смисла, а на Усик не му пречи. Борбата меѓу двајцата ќе ги обедини сите појаси и ќе произведе неприкосновен шампион.

„Сакам мојата следна борба да биде против Даниел Дубоа. За титулата апсолутен светски шампион? Да, за неоспорната титула. Каде може да се одржи? Можеби во Лондон, можеби во Ријад. Не ми е важно. Мојот прв избор е стадионот Вембли. Подготвен сум“, рече Усик во интервју за Јутјуб каналот Бокс кинг медиа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО