АктуелноКаратеОстанато

Милошевски повторно во центарот на американското карате – финалиња, медали и нова историја
на македонски каратисти

Од 17 до 19 јули 2026 година, во Спокејн, Вашингтон, се одржа Националното карате првенство и тим натпревари на САД, најзначајното национално карате првенство во Соединетите Американски Држави, организирано од УСА Карате.

Овој престижен спортски настан ги обедини најдобрите каратисти од целата држава, како и најискусните национални и меѓународни судии. Натпреварувањето воедно претставуваше и изборен турнир за составување на националниот тим на Соединетите Американски Држави за претстојните меѓународни натпреварувања.

Меѓу официјалните лица беше и македонскиот светски карате судија Дејан Милошевски, кој беше дел од судискиот состав задолжен за селекцијата на новата американска национална репрезентација. Милошевски судеше голем број од финалните натпревари, со што уште еднаш ја потврди довербата што УСА Карате ја има во неговото знаење, искуство, професионалност и судиски авторитет.

Покрај судиските обврски, Милошевски со гордост го предводеше и својот клуб Милошевски маршал артс, чии натпреварувачи остварија одлични резултати на најважното национално натпреварување во американското карате.

Резултати на тимот:

Софија Топалоска – златен медал во кумите и титула национален шампион на САД

Маријастела Топалоска – сребрен медал во кумите

Бони Николова – бронзен медал во кумите

Бони Николова – бронзен медал во кати

Сиена Јовановска – 5. место во кати и 7. место во кумите

Посебно внимание заслужува младата Бони Николова, која на последните три национални првенства на САД секогаш успева да освои медал. Нејзината постојаност, борбен дух и посветеност покажуваат дека станува збор за вистински карате талент и вистински шампион со голема иднина.

Ова национално првенство имаше и посебно значење за македонската карате заедница во САД, бидејќи на него настапија и две нови македонски натпреварувачки кои неодамна се преселија во Соединетите Американски Држави.

Софија и Маријастела Топалоска уште на својот прв голем национален настап оставија силен впечаток, освојувајќи златен и сребрен медал во кумите. Нивниот успех е уште еден доказ дека македонската карате школа продолжува успешно да се претставува и надвор од границите на татковината.

„Настапот на нашите натпреварувачи уште еднаш покажа дека посветената работа, дисциплината и љубовта кон спортот носат резултати и на највисоко ниво. Особено сум горд што, покрај одговорната улога како судија на националното првенство и на изборот на американската репрезентација, имав можност да го следам и успехот на нашите натпреварувачи. Ова се моменти кои остануваат засекогаш“, истакна Милошевски.

Посебна благодарност беше упатена до тренерот Виктор Јовановски за неговата несебична поддршка, професионалност и посветеност во подготовката и водењето на натпреварувачите.

Неговата помош, искуство и тимска работа беа од големо значење за остварувањето на овие резултати, како и за успешната интеграција на новите македонски спортисти во американската карате сцена.

Со овие успеси, македонското знаме повторно гордо се развиори на едно од најзначајните карате натпреварувања во Соединетите Американски Држави.

Македонските карате амбасадори продолжуваат со својата мисија достоинствено да ја претставуваат Македонија преку спортот, знаењето, професионалноста и постигнатите резултати, градејќи мостови на пријателство, почит и соработка меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.

„Без разлика каде живееме и настапуваме, Македонија секогаш е во нашите срца. Продолжуваме достоинствено да ја претставуваме и да испишуваме нови страници во историјата на македонското карате на американската и меѓународната сцена. Македонија има со што да се гордее и на оваа страна од светот“, истакна Милошевски.

Со својата работа како тренер, ментор и меѓународен судија, Дејан Милошевски продолжува достојно да ја претставува Македонија и да создава нови можности за младите каратисти во Америка.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON