Тренерот на Олимпија Методи Сичков се осврна на неодамна завршеното Европско првенство во борење за У-23 во Тирана, Албанија, каде што нашиот репрезентативец Бесир Алили постигна добар резултат и беше многу близу до медал, односно во полуфиналето загуби со тесен резултат од 4-5, а во борбата за бронза беше поразен, но на тоа влијаеше претходната борба. Петто место е убав успех на Алили и еден од најдобрите борачи во последните години што потекнува од Македонија.
„На Европско првенство во Тирана се повтори историјата од ЕП 2002 година, исто така во Тирана, кога Фикрет Мемиши го освои петтото место, кој беше близу до освојување медал. По ЕП Мемиши замина за Швајцарија и остана таму до ден-денес. По 23 години Бесир Алили дојде до изворот на водата. Прашувам дали Федерацијата и институциите одговорни за спортот конечно ќе се освестат и ќе почнат да работатат систематски, да се прават борачи или ќе ги изгубиме како натпреварувачи. Гледањето на личните интереси воопшто не му користат на македонското борење.
Не може за репрезентативец како Алили да се грижи само неговиот клуб Лирија, туку треба да се вклучи и федерацијата и да има минимум 200 дена подготовки во годината, безброј контролни борби, анализи, за да еден борач како Бесир стане име во борењето. Бесир не е клупски борач, тој е ја претставува Македонија.
Нашиот најдобар борач, олимпискиот шампион Шабан Трестена, во своите настапи често го истакнува фактот дека негов дом бил Сарај, каде што борачите се подготвуваа по 200 дена во годината и како резултат на тоа дојдоа неговите, но и резултатите на останатите борачи како Шабан Сеиди, Зоран Шоров, Ристо Дарлев, Киро Ростов, Бајрам Чероли.
Лесно е да го тапкаат по рамо и да му велат „добар беше Бесир, наредниот пат ќе биде подобро“. Сепак, се поставува прашањето, дали после ова ќе ја продолжи кариерата, или ќе се определи за нешто друго во животот, како што направи Фикред Мемиши, а тоа значи 10 години залудно ќе бидат фрлени во вода, односно изгубени најубавите детски години на еден спортист. Ако вака останат работите на системски план, тоа значи дека Борачката федерација нема амбиции за освојување медали. Подобро обврски кон медалистите отколку жалење за неосвоениот медал и тапкање по рамо. Од друга страна, земањето на борачи од други држави ги декуражира македонските спортисти, бидејќи на него ќе потрошат многу пари, а ние пак немаме борачи, па и борење.
Стратешки е погрешно да се убедуваат Македонскиот олимписки комитет и Министерството за спорт дека ќе имаме медалист од олимпијада и треба да му дадеме македонски пасош.
Се поставува прашањето како ќе се покажеме на Европското првенство за У-17 од 9 до 15 јуни во Скопје и што ќе добиеме од него.
Бесир Алили и Фикред Мемиши во овој текст се земени само како пример. Колку деца и клубови се уништени не се знае. Еден борач без подготовки, без база, без аналитика не може да смета на успех. Не знам кој ќе објасни зошто на Бесир по две победи му опаднал интензитетот на концентрација и физички и психички за 70 отсто. И по две победи, други борачи и понатму се исти, но тоа е така затоа што тие доаѓаат со база на доверба во се, бидејќи зад нив стојат федерациите кои обезбедиле 300 дена подготовки. Тие борачи и после 5-тата борба и по финалната можат да прават нови борби бидејќи зад нив има луѓе кои имале цел и овозможиле се што е потребно за еден спортист да дојде до врвот на пиедесталот“.
Методи Сичков – тренер на БК Олимпија-Штип
(Овој текст го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Ипон.мк.)