Лоренс Околи потпиша за Квинсбери: Сакам да бидам врвен тешкаш и шампион во три категории

41-годишниот британски боксер Лоренс Околи се согласи да соработува со промоцијата Квинсбери. Откако го освои шампинскиот појас на ВБЦ во категоријата бриџер, тој ја напушти титулата и реши кариерата да ја продолжи со нов промотер во тешка категорија.

Лондонецот извесен период беше светски шампион во крузер категорија, каде ја држеше титулата на ВБО, но минатиот мај загуби со мнозинска одлука од Крис Билам-Смит. Тоа беше прв пораз во неговата кариера.

„Има само едно место каде што сакам да бидам во моментов, а тоа е тука“, рече Лоренс Околи на презентацијата во Квинсбери и додаде:

„Ако сте тешка категорија, тогаш сакате да бидете со Воренови. Еве ги најдобрите тешкаши во подем, но и најдобрите на заминување. Тоа е вистинското место за мене. А мојот сон е да бидам врвен тешкаш и да станам светски шампион во три категории“.

Фронтменот на Квинсбери Френк Ворен е воодушевен од приновата во неговите редови во тешка категорија.

„Сега целосно очекувам Околи да го зголеми нашиот успех во дивизијата“, рече Френк Ворен и подвлече:

„Лоренс ги има сите атрибути да стане врвен боксер во тешка категорија и верувам дека ќе ужива да биде ослободен од товарот на намалувањето на килограмите, дозволувајќи му на неговиот природен талент и сила да блеснат. Има толку многу возбудливи борби за него и со нетрпение очекувам тој да напредува со нас“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО