Шабан Трстена ги додели „Златните олимписки оскари“-по осми, и последен пат

Легендата на македонскиот спорт, олимпискиот шампион од ЛОИ 1984, Шабан Трстена, продолжувајќи ја својата традиција, по осми и, како што рече, последен пат денеска во ресторанот „Аустриан палас“ во Старата скопска чаршија, на свечена церемонија ги додели најновите „Златни олимписки оскари“ за личности и институции кои го поддржувале во неговата кариера.

Оваа година, боречката икона на Македонија се одлучи „Златните олимписки оскари“ да ги додели на медиуми и поединци кои долги години во неговата кариера постојано биле и се уште се негова поддршка, со што потенцираше дека ја заокружува оваа манифестација која изминативе осум години ги собираше најпознатите личности од спортскиот и јавниот живот во Македонија. Меѓу добитниците на признанието оваа година се првиот вицепремиер во Владата на Македонија, Изет Меџити, градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, како и Зоран Шоров, поранешниот репрезентативен колега на Шабан Трстена, првиот генерален секретар на МОК, Зоран Гапиќ, Мурсел Сокол Силами – помагател на монографијата на Трстена, а признание за афирмација на спортот доби и ТВ Телма кое го доби генералната директорка, Снежана Лупевска Созен. А, посебно признание доби и Павле Пепџоновиќ од Црна Гора, големиот пријател на спортот кој во Улцињ секоја година ги собира на едно место најдобрите спортисти од поранешна Југославија.

„Златен оскар“ од Шабан Трстена добија и неговите долгогодишни помагатели и пријатели, а меѓу добитниците и фоторепортерот на Екипа, Роберт Спасовски, како и спортските новинарки Јана Серафимова од ТВ Телма, и Арлинда Бафтиу, спортските новинари на ТВ Шења, Фатон Зулбеари и Азиз Сахити, но и Зоран Митев од Спортско радио 90,3, и Радован Максимовиќ од „Спорт клуб“ кој го подготвува документарецот „Шампион“ за Шабан Трстена.

На церемонијата на доделување на оскарите беа и бројни гости, стопанственици, спортисти, професори, новинари и пријатели на Трстена, кои уште еднаш оддадоа и признание за се што работи македонскиот олимписки шампион и по завршувањето на неговата натпреварувачка кариера.

„Она што ме поттикна да наградувам со ‘Златен олимписки оскар’ е фактот дека до титулата олимписки шампион успеав да стигнам на достоинствен начин, со храброст и самодоверба. Така го остварив сонот што си го поставив како цел, да стигнам до врвот на спортските остварувања. Задоволство е кога се чувствуваш почитуван од вистинските луѓе, посебно од луѓето во мојот роден град, од цела Македонија и насекаде на Балканот. Како спортист на 20 век, преку доделувањето на овие „Златни олимписки оскари“, изразувам благодарност на луѓето кои беа со мене и воедно, изразувам голема почит за секој што дал придонес и знаел да го цени и да го вреднува мојот успех и вредностите на спортот во целина, посебно на олимписките вредности“ – истакна Шабан Трстена.

Претходните години, добитници на „Златните олимписки оскари“ беа и поранешниот претседателот на МОК, Васил Тупурковски, Агенцијата за млади и спорт, поранешнит селектор на боречката репрезентација, Насе Насев, Милош Вучидолов – доктор на репрезентацијата и Хајруш Синани како негов тренер. Но, и доајените на македонското спортско новинарство, Миодраг Мицковиќ, Атанас Костовски, Зоран Михајлов, новинарите Решат Ибраими, Атанас Кировски, Владимир Булатовиќ, Шабан Синани, Кирил Манев, Горан Милковски, Љупчо Перински, Агим Касаполи, Игор Ивановски, Сами Адеми, Мишко Иванов, Авни Ќамили и Кемал Гоца, публицистот Сефер Тахири, директорот на Градската болница „8 Септември“, Игор Костов како и продуцентот на филмот „Кобра“, Томи Салковски, како и македонските медиуми Екипа, МТВ, Алсат, „ИПОН.мк“.

Фото: Роберт Спасовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО