„Многу сум среќен што го освоив сребрениот медал во сениорска конкуренција на Медитеранското првенство“, изјави Адил Адили за ipon.mk, кој вчера имаше четири борби и доби три, а загуби од многу поискусен противник и тоа во доста изедначена борба.
„Ова за мене е големо искуство, затоа што јас сум младинец, а вакви мечеви ми требаат. За некое време ќе бидам побогат со искуство, па тогаш ќе ми биде многу полсено а на противниците потешко. Целта ми е преку репрезентација до 20 години да обезбедам место во сениорскиот тим на Македонија и да настапам на големите првенства, Европското и Светското, потоа и на Олимписките игри“, истакнува Адили, кој живее и тренира во Франција под раководството на тренерот/татко му Хамди Адили.
Хамди Адили вели дека Адил се уште нема полни 19 години и дека сребрениот медал е огромен успех за него.
„Мене ми е битно да собира искуство. Ова е трет силен турнир на кој учествува. И како тренер и како татко, сакам да кажам дека ова е голем успех. Се надевам дека ќе бидеме повикани во репрезентацијата до 20 години за настап на Европското првенство во јуни Истанбул. Чекам да ми кажат дали ќе патуваме на ЕП“, истакна Хамди Адили за ipon.mk.
Тој смета дека Адил се уште е млад за успеси во сениорска конкуренција на ЕП и СП, прво мора да ги помине возрасните категории, така што од идната година може да се надеваме и на медали од големите првенства.
„Сакам да го подготвам за Светското првенство за младинци во Франција, што ќе се одржи идната година. Се надевам дека ќе избори место во националниот тим на Изборното првенство во Македонија и ќе ги брани боите на репрезентацијата. Тогаш ќе биде посилен и се надеваме дека еден од медалите ќе биде донесен во Македонија“, порача Хамди.
Да потсетиме де Адил Адили (-61кг) на Медитеранското првенство во Мадрид го освои сребрениот медал, како единствен претставник слободен стил од нашата земја. тој забележа три убедливи победи и само еден пораз од Грузиецот со шпански пасош Метревели.
Еве ги резултатите од неговите борби:
Адили – Ломба (Шпанија) 7-1
Адили – Арузаманиди (Грција) 5-0
Дениа (Шпанија) – Адили 0-10
Метревели (Шпанија) – Адили (Македонија) 6-3
ipon.mk/В. Донев