Боречкиот клуб Лирија вечерва свечено го одбележа 40-годишниот јубилеј на постоење во скопскиот ресторан АБЦ со многу гости, сегашни и поранешни борачи, функционери во клубот, симаптизери, спонзори, генералниот секретар на МОК Сашо Поповски, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, претседателот и потпретседателот на ФБСМ, Бетим Вренези и Дејан Богданов.
Во чест на јубилејот беше прикажан документарен филм за клубот, за тоа како настанал и кои се успеси ги постигнал до денес.
Сите борачи кои значат нешто за клубот, тренери, спонзори и функционери добија пригодни плакети.
За историјата на клубот зборуваше еден од неговите основачи и тренер Хајруш Синани, потоа градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, претседателот на ФБСМ Бетим Вренези, претседателот на Лирија Имер Кадријовски и други.
Вренези се заблагодари на сите кои дојдоа и ја увеличаа прославата на клубот, а претседателот Кадријовски рече дека Лирија немаше да биде толку голема ако не беа Балканец, Бучим, Спартак, ниту, пак, успесите на Шабан Трстена, Шабан Сеиди, Бајрам Чероли и другите ќе се постогнеа ако не беа Зоран Шоров, Киро Ристов… Конкуренцијата ја направила Лирија голема екипа, затоа Кадријовски се заблагодари на сите клубови во Македонија.
„Ќе се трудиме на спортски план да имаме културно натпреварување и борењето да го вратиме на старите патеки, како што беше порано“, истакна претседателот на Лирија.
Ipon.mk/В.Д.