Витали Кличко: Ќе се борам во првите редови против Русија

200

Поранешниот светски шампион во бокс во тешка категорија, градоначалникот на Киев, Витали Кличко, изјави дека е подготвен да ја брани Украина на фронтот. Претходно овој месец, Кличко рече дека Украина е во војна и го навреди рускиот претседател Владимир Путин, опишувајќи го како „гангрена“.

Украинскиот херој Кличко беше боксерски шампион и забележа 45 победи и 2 порази во рингот. Тој почна да учествува на вежба за територијална одбрана во Киев, каде што е градоначалник од 2014 година.

Тензиите меѓу Украина и Русија ескалираа во последните месеци. Западните претставници и медиумите ја обвинија Москва дека собира војници и ресурси со потенцијална намера да ја нападне соседната земја.

Во интервју за Канал 4 њуз Кличко ја зајакна својата позиција против Русија и се закани дека ќе води војна на фронтот.

„Нашиот источен сосед не е задоволен од нашата одлука да станеме дел од европското семејство. Не сакаме да се вратиме во СССР. Бевме во СССР и нашата иднина ја гледаме како дел од европско семејство.

Г-дин Путин не се согласува. Тие имаат идеја да го обноват Советскиот Сојуз, но ние не сакаме да се вратиме во СССР. Нашата иднина ја гледаме како слободна демократија.

Како поранешен офицер, поминав многу време во армијата. Како поранешен војник подготвен сум да ја бранам мојата земја, да ја бранам независноста и територијалниот интегритет на Украина.

Дали ќе се борам во војна против Русија? Да секако. Ќе се борам во првите редови“, рече Кличко.