Вежбајте го Каратето како Карате До, како вистинска Будо вештина

586

Суштината на занимавањето со Карате До како духовна боречка вештина.

Прво, основно и постојано-Карате До е исклучиво БУДО вештина а не спорт. Да, може да се вежба како спорт, но не е спортска дисциплина. Карате До е БУДО вештина.

Значи, вистинска, реална и борбена вештина.

За жал, денес во Македонија, како и пошироко во светот, се вежба како спортска дисциплина а многу малку како будо вештина.

Затоа е присутен голем пад во квалитетот и гледаноста на каратето на спортските натпревари.

Каква е состојбата на каратето во Македонија?!

Опишано со зборови – деца во каратето или детско карате.

Денес околу 80 отсто од вежбачите и натпреварувачите се деца, младинци помалку, а сениори реткост. Сето тоа укажува дека сериозноста во вежбањето на каратето е на многу ниско ниво.

Убаво е кога децата во голем број вежбаат, се натпреваруваат, освојуваат медали. Но, што понатаму? Сето тоа до одредена возраст и сè се сведува на спортскиот и натпреварувачкиот дел.

Суштината на Карате До како духовна боречка вештина е многу подлабока. Градење на карактерот на личноста и издигнување на нивото на свеста се едни од главните суштински елементи на карате до. За да се постигне сето тоа, потребно е макотрпно и константно вежбање на духот и телото т.е. целосна посветеност.

Честопати Каратето е осиромашено со тоа ДО и наместо Карате До се прикажува само карате. Сметам дека тоа ДО има суштинска важност и голема тежина – што значи Пат, како што е аикидо, кендо, џудо, така исто треба да се назначи тоа „До“.

Исто така, местото каде што се вежбаат боречките вештини-Карате До се вика Доџо – До = пат и Џо место каде што се гради патот. Во него владеат и важат исклучиво Доџокун или правила на однесување во доџото. Тоа мора да се почитува. Без тоа нема вештина.

Би сакал да дададам една кратка дефиниција за суштината на карате до. Тоа е индивидуална духовна боречка вештина.

Индивидуална значи секој вежба сам за себе и во зависност од тоа колку и како работи толку напредува.

Духовна значи духот на прво место а техниката на второ = Фунакоши Гичин. Тоа значи дека мора да има постојана и максимална присутност на духот при секоја карате техника и изведба.

Боречка значи, претставува, борба, меѓутоа не само борба со надворешниот непријател (којашто можеби и е најлесна), туку и борба со внатрешниот непријател (омраза, љубомора, завист, его, суета, нервоза итн.).

Вештина значи да бидеш вешт, односно да бидеш победник без борба (ако е возможно). Да бидеш вешт да ги избегнеш сите негативни ситуации, а, ако веќе си во борба, да бидеш вешт и ефикасен. Значи, вештина, а не сурова снага.

Суштината се состои во методолошка и стручна работа. Константност и постојаност во вежбањето, а не кампањско вежбање.

Моја порака до сите љубители на карате до, а особено до најмладите:

„Вежбајте го Каратето како Карате До, како вистинска Будо вештина. Вежбајте го за себе и останете на вистискиот пат Карате До, а за тие што подзаборавиле или застраниле, вратете се на изворот, повторно назад на вистинското Карате До како вештина на преживување“.

За мене Карате До е начин на живеење и мој животен пат.

П.С. Немој да си како другите. Биди свој и достоен на себеси!

Осс!

Пишува Зоран Пејов – мајстор 5 Дан, тренер на КК Пејов