Улогата на карате вештината за правилен психо-физички развој

180

Најпрво да појасниме дека не смее да се фаворизира ниту еден спорт во неговата улога за правилен психофизички развој на една личност. Нема подобар или полош спорт, има подобар или полош тренер/инструктор и подобар или полош ученик.

Секако, овој текст го пишувам врз основа на моето искуство, како тренер/инструктор во карате, за улогата на оваа боречка вештина/спорт како дополнителна активност препорачана од лекар, односно стручно лице при елиминирање некои физички/телесни деформитети, како што се, на пример: сколиоза (од која лично боледував на 14-годишна возраст), кифоза, пилешки гради, рамни стапала, подобра статика и сл.

На што се должи придонесот на каратето за елиминирање на овие деформитети?

Најпрво, без оглед на тоа од кој дел на светот анализираме некоја боречка вештина, во литературата за таа вештина ќе видиме дека уште од најрано време сите оние што ја практикувале биле исклучително здрави и силни луѓе (и во психичка и во физичка смисла).

Зошто во психичка, а зошто во физичка смисла?

Одговорот е едноставен. Тренингот секогаш се надополнува и преку филозофијата и преку разните физички вежби. Па, на тој начин, личноста истовремено преку психологијата успева или се труди да издржи колку што може повеќе, а преку физичките вежби го зајакнува телото. Темпото од ден на ден станува поголемо, а со тоа се зголемува и капацитетот. Личноста е способна да издржи поголем физички напор, а станува и психички посилна.

Се поставува прашањето: А зошто сето тоа?

Наједноставно кажано, во минатото (а таа традиција, во најголем дел, останала и денес) целта на боречките вештини била создавање цврсти, здрави, психички силни личности, т.е. воини што ќе се грижат за одбраната на една држава.

Да се вратиме назад, во елиминирањето некои физички деформитети. Односно, како се постигнува тоа?

Секој тренинг се состои од два дела:

1) загревање (подготовка на телото за тренинг) и

2) технички дел.

И во техничкиот и во делот на загревање или подготовка на телото за тренинг се прават вежби со кои:

1) го истегнуваме телото и

2) го зајакнуваме телото.

Сите вежби настојуваме да се прават на правилен начин. Зошто?

Денес, во ова модерно време на дружење преку социјалните мрежи и време на празни паркови и игралишта, процентот на недоволна (а понекогаш и минимална) затегнатост е голем. Неправилниот начин на седење доведува до низа деформитети во комбинација со незначителната или многу малата зајакнатост на телото.

Доколку една личност што води активен начин на живот почне да ги работи најпрво вежбите за загревање на телото, истегнување на телото и зајакнување на телото, и доколку ги работи на правилен начин, тогаш таа на почетокот ќе се соочи со низа тешкотии, меѓутоа само тогаш вежбите се функционални. Зошто? Затоа што го носат телото во правилна позиција. Па, според тоа, постепено доаѓа до елиминирање на физичките деформитети (најчесто сколиоза, кифоза, пилешки гради, рамни стапала итн.). Секако, треба да се спомене дека вежбите за загревање и за истегнување се исти со оние што се даваат по препорака на лекар при физикална терапија. Покрај вежбите за истегнување на телото, во делот на загревање се прават одредени вежби и за зацврстување на телото (како што се, на пример, разни склекови, стомачни, вежби за зајакнување на грбот, вежби за зајакнување на нозете).

Треба да се напомене дека и вежбите за истегнување во одреден процент доведуваат до зајакнување на телото.

Како влијае техничкиот дел врз правилниот физички развој?

Во овој дел се прават вежби кај кои се инсистира ’рбетниот столб да биде исправен. Секаква друга позиција на телото се смета за неправилна. Тренерот/инструкторот е тука за да го потсетува постојно ученикот за правилното држење на телото, а сето тоа пополека доведува до правилен развој.

Исто така, уште еден важен момент на кој настојуваме ние, инструкторите, е континуирано благо затегнат стомак (или, кажано со наш термин, „танден“) при извршување на вежбите со повремено максимално затегнување (односно со контракција). Сето тоа придонесува за вежбање со исправен ’рбетен столб. Техничкиот дел во каратето се состои од 3 дела:

1) кихон;

2) ката и

3) кумите.

Вежбите на сите три се вршат исклучиво со исправен ’рбетен столб и цело време се настојува на тоа (пример, на натпревар, еден од критериумите за подобра оцена е и тоа дали се работи исправено или подгрбавено, дали телото од карлицата до главата е во права или во коса положба).

Секако, уште еден важен момент е и правилната распределба на тежината. Треба да се напомене дека таа треба да биде рамномерно распределена на 6 точки (по 3 на секое стапало).

Кои се тие? Под палецот, под малото прсте и под петицата. Само тогаш имаме добра распределба на тежината, така што кога ќе се додаде благо затегнатиот стомак, доведува до континуирано држење на телото исправено (лично мене, неколку месеци пред да го пишувам текстот, вршени ми беа испитувања за правилна распределба на тежината, така што ги очекувам резултатите од тоа испитување).

Се разбира, во техничкиот дел треба да се спомне и моментот на правење на вежбите со вртење на колкот налево и надесно (или, кажано со наш термин, „hanmi“ и „shomen“). Според моето искуство, овој начин на работа покажа добри резултати кај двајца (кои одлучија да вежбаат карате) што имале болки помеѓу вториот и третиот пршлен или кај друга личност што имала дискус хернија (со истанчен дискус на L5 и S1). Добри резултати или подобрување кај нив се појави по 1,5 година вежбање (во смисла на очигледно намалување на болките).

Во поглед на другите деформитети (сколиоза, кифоза, пилешки гради и слично), моето лично искуство покажало дека добри резултати се постигнуваат по 6-9 месеци, а секое следно тренирање придонесува за добивање едно правилно развиено тело.

На подолг рок, се разбира, споредбата помеѓу луѓето што тренираат и оние што не тренираат е повеќе од очигледна.

Препорака до сите: Не е важно што тренирате, важно е нешто да тренирате!!!

Пишува: Ѓоко Томоски – карате мајстор 4 Дан, 2 Дан кендо и 1 Дан аикидо, инструктор во КК Фудошин-Охрид