Турција најуспешна на ЕП во карате, Македонија без медал – нешто треба да се менува

662

Турција е најуспешна репрезентација според бројот на освоени медали на штотуку завршеното Европско првенство во карате за сениори во Пореч, Хрватска.

Турците освоија шест златни, два сребрени и еден бронзен медал во Пореч. Германските претставници освоија два златни медали, а по една европска титула освоија Азербејџан, Шпанија, Грција, Украина, Русија и Србија.

Хрватска е екипен првак во борби (мажи) откако во финалето ја совлада Црна Гора со 3-0, додека во женска конкуренција Германија беше подобра од Турција 2-1.

Држави од регионот кои освоија медали се: Србија 2 (1 златен и 1 сребрен), Хрватска 3 (1-0-2), Црна Гора 2 (0-1-1), Бугарија 1 (0-1-0) и Косово 1 (0-0-1).

Македонија имаше само едно 7-мо место во борби на Симона Заборска, додека Пуликсенија Јованоска во кати е 11-та, а Александар Неделковски 13-ти.

На ЕП учествуваа 513 каратисти од 47 европски земји.

Мораме да кажеме за жал, ние не се најдовме меѓу освојувачите на медали. Сите од регионот напредуваат, а ние како да назадуваме. Освен спортска среќа ќе мора да се менуваат некои работи, бидејќи не може да бидеме задоволни со неосвојувањето на медал, затоа што во минатото имавме и златни медалисти.

Ќе треба да се менуваат повеќе организациски работи од селекцијата на натпреварувачите до подготовките, наградувањето на тренерите (селекторите) и репрезентативците. Да се премине преку задоволувањето на нечии желби и да се прави притисок на судиите и селекторите. Зајакнување/ стимулирање на јуниорската конкуренција од која ќе произлезат идните сениори. Ако и понатаму се намалува конкуренцијата, тогаш и квалитетот ќе опаѓа. Можеби треба да се размисли за лига натпреварите, ако не во сениорска, барем во јуниорска конкуренција.

Сето ова треба да се изанализира со ладни глави, бидејќи не смее да падне мотивацијата кај каратистите.

Фото: ХКС