Трајан Целески – Тачо – симбол за спортист на Охрид, не победи само еден противник

256

Трајан Целески – Тачо миленик на охридската спортска јаност и на охриѓани, голем борец, тренер кого децата неизмерно го сакаа, победник многу пати на спортски натпревари, за жал,, ја изгуби битката со подмолниот противник туморот.

Тачо кој повеќе од две години се бореше со тумор на мозокот, ја загуби битката со тешката болест. Пред неколку месеци болеста се врати и тој беше подвргнат на трета операција, но неговото срце не издржа.

Охрид и охриѓани сплотени како ретко, покажаа голема емпатија, хуманост и солидарност преку бројни хуманитарни акции и настани кои беа организирани за поддршка на Тачо. Неговата храброст и истрајност, пак, пленеа и инспирираа.

Социјалните мрежи се преполни со пораки на сочувство за смртта на младиот охриѓанец Трајан Целески- Тачо.

Трајан Целески е роден 1989 година, а карате почнува да тренира на 6-годишна возраст во тогашиот КК Охрид,

Целески беше натпреварувач на КК Чоле и носител на неколку медали на државно ниво. Карате мајсторот, носител на црн појас 2 дан, беше тренер во КК Чоле кого децата исклучително го сакаа.

„Спортист во секоја смисла од утро до вечер. Живееше по спортски принципи, како за исхрана така и за вежбање. Постојано можесе да се сретне на Спортскиот центар „Билјанини извори“ каде што постојано трчаше, а со него и уште многу други на којшто им беше идол. Трчаше на маратони, а се сеќавам на „Св. Наум – Охрид“ и “Охрид трчат“. По првата операција во 2017 година, повторно го истрча маратонот „Свети Наум – Охрид. Со еден збор – симбол за спортист на Охрид“, рече неговиот тренер Дејан Чолески – Чоле, простувајќи се од својот ученик и тренер во клубот, голем мотиватор на децата да се знимваат со спорт.

Чолески изрази сочувство до семејството.

Сочувство и од нас до семејството, вечна му слава, нека почива во мир.