Столе Смилковски-најдобар млад спортист: На ред е сениорски медал од Европско или Светско првенство!

486

На избортот за најдобар спортист за 2021 година каратистот на Олимпик, Столе Смилковски, беше прогласен за најдобар млад спортист. Смилковски ова признание го заслужи со сребрениот медал освоен на Европското првенство за кадети, јуниори и У-21 во Тампере, Финска, во категоријата до 67 килограми во У-21 (помлади сениори).

По повод ова признание Смилковски вели:

„На сите спортисти им ја честитам Новата 2022 година со жеба за многу успех! Претходната 2021-а за мене беше успешна година и со право можам да кажам дека ми преставува чест и задоволство што бев избран за „најдобар млад спортист“ на Македонија за 2021. Добив Оскар тоа е признание, а и мотив плус,  би рекол сон на секој спортист. Од Спртските сојузи, од АМС и од МОК  се здобив со признание најдобар млад спортист за 2021 со освоениот медал во карате борби за помлади сениори до 21 година во Тампере, Финска. Воедно тоа ме стимулира да продолжам и да освојам медал од сениорско првенство, европско или светско“.

Столе уште еднаш, како и на свечената церемонија на доделувањето на признанијата за најупсешни спортисти (29 декември во Скопје), истакнува дека не застанува тука.

„Одиме понатаму, заедно со Карате федерација на Македонија и сите натпреварувачи од КК Олимпик. Овој резултат не беше случаен, јас сум и европски медалиста од 2016 од Лимасол, Кипар, неколкупати балкански шампион и 11 пати државен првак. Сакам да се заблагодарам на моите тренери Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски, како и на  Арлинд Хусеини, кои цело време беа со мене во Тампере, Финска, и го освоивме сребрениот медал, со што  станав вицешампион на Европа до 21 година. Неможам а да не ги спомнам и Стефан Ефремов и Борче Трајковски кои се тренери во Олимпик, од каде овие години имаме подем во оскари, како кај женските и кај машките натпреварувачи. Ги поздравувам Јована Георгиева, Вероника Костовска, Магдалена Божиновска, Фахик Весели, Симона Симовска. И оваа година, ќе кажам од најтрофејниот спорт каратето, јас, а тука ќе ги ставам, односно ќе слушнете и за македонски карате таленти Марио Свинарски и Бојан Костов“.

„И кога победував и кога губев со мене беше мојата фамилија, на која и го поклонувам оскаров, затоа со моите тренери Александар и Кристијан си ветивме дека ќе освоиме друг медал, но во сениори. Така, ќе ја израдуваме Македонија најмалку уште еднаш со висок резултат. Се чуствувам прекрасно. Ова е сон на секој спортист, ова е привилегија и чест, но и обврска плус за мене и идните генерации да ги задржиме овие високи резултати. Само ние знаеме колку е тешко да се освои ваков медал и затоа сакам во овие 5 минути слава и овации да им ја честитам Новата 2022 година и Божиќните празници кои следат со добро здравје, многу среќа и успех во спортот“, порача Столе Смилковски.

Резултати У-21 на ЕП 2021:  

-67 кг
Столе Смилковски – Алекс Ортиз де Зарате (Шпанија) 4-1
Столе Смилковски – Макар Натицки (Естонија) 2-0
Столе Смилковски – Матијас Брунер (Швајцарија) 4-2
Столе Смилковски – Хусеин Мамаадли (Азербејџан) 4-1
Столе Смилковски – Егор Пулкин (Русија) 2-0
Финале
Столе Смилковски – Алтунер Јилмаз (Турција) 0-3

Ipon.mk/В.Д.