Симона Заборска: Имам привилегија во Париз да се докажам и да освојам олимписка норма!

741

Симона Заборска имаше најдобар пласман на Европското карате првенство кое неодамна заврши во Пореч, Хрватска, пласирајќи се на седмото место, а само 2-3 секунди ја делеа од борбата за бронзениот медал.

Заборска на сличен начин загуби медал и во Линц, но затоа пред каратиската на КК Макпетрол сега е најголемиот предизвик, Квалификациите за Олимписките игри во Токио што се одржуваат во Париз, Франција, наредниот викенд.

Колку корона пандемијата влијаеше на каратистите?

-Секако дека корона пандемијата, буквално го затвори целиот свет, па логично е да влијае негативно и врз нас, професионалните спортисти…еден долг, макотрпен и натпреварувачки период беше ставен во мирување. Период кога ние спортистите немавме можност да тренираме, да се надградуваме, да се натпреваруваме, а секако тоа придонесе и за мал пад на нашата спортска форма, која се надевам дека ќе ја вратиме за најкраток можен рок.

Со оглед на тоа дека се олабавуваат рестриктивните мерки, дали летово ќе биде работно?

-Се надевам дека со олабавување на мерките, нашите тренинзи ќе го добијат вообичаениот тек и дека ние спортистите без ограничувања ќе продолжиме со нашите тренинзи, натпревари и освојување на бројни медали, што впрочем е и наша примарна цел.

На Европското првенство имаше најдобар пласман од македонските каратити, но во суштина многу малку ти фалеше да дојдеш до борба за медал. Како гледаш на овој пласман на ЕП?

-Јас во мојата спортска кариера освојував и европски и светски медали и тоа во повеќе наврати, на првенства кои ги организираа Европската и Светската карате федерација (ВКФ). Сега сакам да го повторам мојот успех за кој од државата и бев наградена со највисоката титула на Спортистка од светска категорија на РМ.

Кои се твоите наредни цели во карате спортот? На што повеќе ќе посветиш внимание во тренажниот процес за да освоиш медал на ЕП или СП?

-Во моментов имам голема мотивација за докажување подготвена сум на сите делови од спортската форма. Но сега сум и доволно искусна, поминав низ сите филтри, се борев со најсилните светски и европски карате имиња. Најважно е што имам поддршка, пред се од мојата фамилија, потоа од мојот клуб Макпетрол за кого настапувам 20 години. Во овој период освоив огромен број на медали во сите возрасни категории. Потоа, имам поддршка од АД Макпетрол и сега од КФМ. Сето ова влијае позитивно кај мене и затоа сум оптимистка дека ќе имам голем медал на следните натпревари кои ме очекуваат.

Koга е првиот настап по Европското првенство?

-Моментално се подготвуваме за најголемото натпреварување кое се оддржува за прв пат во карате спортот, тоа е квалификациониот турнир кој ќе се одржи во Париз, Франција, наредниот викенд. На овој турнир земаат учество само најдобрите 50 натпреварувачи кои се во трка за настап на Олимписките игри во Токио. Ја имам таа привилегија да се докажам и со надеж да се квалификувам за ОИ.