Претседателот на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија м-р Дејан Митровски-Урко со обраќање до д-р Караџовски – зошто сме обесправени?!

3696

Претседателот на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија овој пат медиумски, се обраќа до д-р Караџовски – претседател на Комисијата за заразни болести (КЗВ) со прашањето: Зошто индивидуалните спортови од кои еден е и кикбокс спортот се селективно обесправени во однос на другите контактни спортови?

„Имено, сакаме да нагласиме дека ние комплетно ги поддржуваме сите спортови и спортисти воопшто, но чувствуваме потреба јавно да го изразиме нашиот револт во однос на селективната забрана за тренинг и натпревари само и само за индивидуалните спортови. Посебно ја истакнуваме состојбата со работа на затворени трговски центри и шопинг молови, работа на казина, работа на базени, козметички студија и салони за разубавување, преполни автобуси, преполни продавници за храна и од денес секако повторно полни кафулиња и ресторани.  Истовремено сведоци сме на секојдневни тренинзи и натпревари во екипните и лига спортовите како што се: кошарката, ракометот, фудбалот и одбојката!“, истакнува Митровски и додава:

„Со ова јавно обраќање сакаме најпрво да добиеме прифатлив одговор од надлежните институции зошто сме дискриминирани и издвоени само ние и секако да направиме институционален притисок со цел да се тргне и нашата забрана за тренинг и натпревар!

Ние сме еднакви со другите спортови и спортисти во однос на тренингот и натпреварите, еднакви сме и во поглед на придржување кон мерките и протоколите за тренинг и натпревари во услови на пандемија, и ние како и сите останати спортови и спортисти сме рамноправни претставници и амбасадори на нашата држава и исто толку успешни како и екипните и лига спортови. Зошто тогаш забраната важи само за нас?!

Ако сите ние како заедница сме одговорни да се придржуваме и адаптираме на новонастаната пандемиска состојба и да ги почитуваме пропишаните мерки, зошто тогаш ние индивидуалните спортови сме издвоени од заедницата, а во исто време со ништо не сме придонеле за влошување на состојбата со вирусот, туку спротивно на тоа го поттикнуваме здравјето и имунитетот на нацијата!

Медиумски ве замолуваме, во интерес на нашите спортисти, во интерес на кикбоксот и маитаито како спортски дисциплини и секако во интерес на спортските работници и тренери кои живеат од и за спортот, да ја прекинете селективната забрана и да ни дозволите да работиме и да ги надополниме што поскоро загубите на спиртистите во поглед на кондиција, тренинг и натпревар и секако материјалната загуба со која се соочуваме како последица на забраната за работа (кирии и режиски трошоци за клубовите и федерациите, плати за тренерите и спортската администрација) и најважно загубата на медали и светски и европски достигнувања на нашите репрезентативци“!