Пакијао: Сакам следниот противник да ми биде Мек Грегор

134

Светскиот шампион во полусредна категорија на ВБА, Мани Пакијао, сака да ги тестира своите вештини против боксер со 0 победи и 1 пораз.

Ова би звучело прилично чудно, со оглед на статусот на жива легенда на Филипинецот. Но, со оглед на тоа дека човекот без победа во боксерскиот ринг се вика Конор Мек Грегор, работите почнуваат да стануваат појасни.

За сличен натпревар се дискутираше на почетокот на минатата година. Двете sвезди би заработиле огромни суми од меѓусебен меч, а двајцата ги претставува иста агенција.

Конор во моментов се подготвува за претстојното враќање во УФЦ. Ирецот ќе се бори против Дастин Пориер на 23 јануари. Пак-Ман не се борел од летото 2019 година, кога го победи Кит Турман.

И покрај напредната возраст, филипинската мега ѕвезда е сè уште едно од најбараните и најпосакуваните имиња за ривалите меѓу боксерската елита.

„Ерол Спенс е премногу бавен“, рече Пакијао за актуелниот шампион во полусредна категорија на ИБФ и на ВБЦ.

„Кит Турман е многу побрз боксер од Спенс, но и тој би бил добар мечот. Теренс Крафорд е исто така меѓу моите опции. Но, сега сакам да се борам со ММА борец. Ова е мојот прв избор. Ќе донирам голем дел од приходите на филипински семејства кои биле погодени од пандемијата на коронавирусот“, додаде светскиот шампион во 8 различни категории.