Мојсовски: Спортистите ќе добијат пензиски стаж, осигурување и пензија

370

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски денеска ги израдува актуелните спортисти во државата и конечно најави регулирање на нивниот работен и пензиски стаж. 

Тој уште по преземањето на функцијата се пожали дека како професионален спортист повеќе од 20 години нема ниту еден ден работен стаж. Оваа неправда кон спортистите конечно ќе биде исправена со изнаоѓање системско решение за спортистите да можат да го остварат своето право на пензија. Да не мораат да се грижат за својата иднина по завршувањето на кариерата.

„Во заедничка координација со Фондот за пензиско осигурување, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика и Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, формиравме работна група за изнаоѓање на најдобрите модели со коишто преку законска измена ќе се стигне до трајно и системско решение, односно времето коешто спортистите го поминале професионално ангажирани од спортски клуб да им биде додадено, поточно, тоа време, тие години, да им бидат впишани во пензискиот стаж, во моментот кога ќе ги исполнат законските критериуми и старосната граница за заминување во пензија“, најави Мојсовски.

Директорот на АМС не најави детали, односно кои ќе бидат критериумите за остварување пензија, но процесот е почнат, па спортистите како најголеми амбасадори на државата конечно ќе бидат третирани како такви.

„По завршувањето на спортската кариера, овие големи луѓе, се оставени на маргините на општеството, без работен стаж, без здравствено осигурување, но и најчесто и без алтернативна професија и образование, работи коишто ги испуштиле градејќи спортска кариера на највисоко ниво, посветени на достоинствено претставување и промоција на нашата држава ширум светот!“, додаде поранешниот ракометен репрезентативец.