Мојсовски: Со вакви успеси каратето е на добар пат да стане најтрофеен спорт во Македонија!

420

Четворицата македонски каратисти кои донесоа четири медали од Европското првенство за кадети, јуниори и младинци во Тампере (Финска) денеска беа примени во Агенцијата за млади и спорт (АМС) од страна на директорот Наумче Мојсоски.

Стефан Стојановиќ е јуниорски европски првак, Столе Смилковски и Андреј Басаров освоија сребро, а Матеј Белистојановски освои бронза на европското првенство во Тампере, па Македонија заврши како десета најуспешна земја меѓу 45-те на континенталниот самит на кој учествуваа преку 1.000 каратисти.

„Со вакви успеси, каратето е на добар пат да прерасне во најтрофејен спорт во државава. Сигурен сум дека овие деца во блиска иднина ќе бидат носители на медали и во сениорска категорија“, истакна директорот Наумче Мојсовски.

Македонското карате продолжи со традицијата да носи медали од големите натпреварувања со што е продолжен континуитетот, а медалите се дополнителна мотивација на талентираните каратисти во брзо време и на сениорски план да носат уште поголеми успеси.

„Огромно е задовоството да се биде селектор на едни вака млади, талентирани и мотивирани деца. Резултатите во Темпере ја ставија нашата држава на десетто место на ранг по успешност на Европското во конкуренција од 45 држави, што е вистински показател за квалитетот на македонското карате“, истакна селекторот Арлинд Хусеини.

Селекторот во борби Александар Кузмановски ја потенцираше важноста на финансиската поддршка на АМС, која преку стипендиите за младите обезбедуваат и мотивација за понатамошно спортување.