Конгрес на ИБА во Дубаи: Овозможено двојно членство

Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) го одржа својот редовен годишен Конгрес во Обединетите Арапски Емирати, на кој се разговараше за олимпискиот статус на боксот, каде беа одобрени уставни измени, шест нови национални федерации беа примени за членство и беа објавени амбициозните цели за 2025 година.

Луксузниот хотел „Џумериах бич“ во Дубаи беше домаќин на клучен ден за меѓународниот бокс, каде се одржаа две значајни средби – Глобалниот боксерски форум и годишниот Конгрес на ИБА, на кои им претходеше „ИБА Најт оф боксинг“ се одржаа осум професионални борби и во центарот на вниманието беше одличниот кубански боксер Арлан Лопез. На конгресот присуствуваа претставници на 135 национални федерации (121 лично, 14 онлајн).

Претседателот на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА), Русинот Умар Кремлев (на фотографијата) ја отвори сесијата со говор во кој ги разгледа достигнувањата во 2024 година, потврдувајќи ја посветеноста на Асоцијацијата кон спортистите и нагласувајќи ги амбициозните цели за 2025 година.

Кремлев е оптимист за улогата на ИБА на Олимписките игри и покрај лошиот однос со актуелното раководство на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и тоа што тие се исклучени од членството во олимпиското семејство.

„Олимписките игри отсекогаш биле дел од боксот, а ќе бидат во Лос Анџелес во 2028 година“, нагласи Кремлев.

ИБА прими шест нови национални федерации за членство, кои беа со големо мнозинство одобрени и признати како постојани членки. Тоа се националните федерации на Нов Зеланд, Австралија, Бразил, Чешка, Германија и Шведска. Интересен е фактот што споменатите земји од неодамна се членки на новооснованата меѓународна организација – World Boxing/ Светски бокс.

Се чини дека токму поради овој факт во ИБА беа одобрени уставни измени кои одразуваат нов пристап. Правилото за двојно членство во меѓународните боксерски организации е ублажено, што ќе им овозможи на спортистите да се натпреваруваат на настани како што се Олимписките игри. Одлуките за двојно членство ќе се разгледуваат од случај до случај од страна на Одборот на ИБА.

Што, конкретно, треба да значи тоа? Пред се, флексибилниот однос на раководството на ИБА во однос на евентуалното префрлање на националните боксерски федерации во Светскиот бокс, организација која има силна поддршка од претседателот на Меѓународниот олимписки комитет во заминување, Томас Бах. Германецот отворено се залага Светскиот бокс да ја преземе позицијата што до неодамна ја имаше ИБА во олимпиското семејство на спортови.

Во оваа прилика на Конгресот на ИБА беа воведени механизми за забрзано привремено членство во случај на оставки, а Комитетот доби овластување привремено да ги суспендира конфедерациите поради сериозни прекршувања на правилата на ИБА. Конфедерациите ќе треба да обезбедат услови, сите активности да се усогласат со политиката на ИБА, а сите уставни измени да бидат одобрени од Комитетот, за да се исполнат стандардите на организацијата.

Дополнително, Одборот на ИБА може да побара од националната федерација да се одржат избори за нов претседател доколку местото остане испразнето, а процесот треба да биде завршен во рок од три месеци од барањето.

На дневен ред на Конгресот беше усвојување на записникот од претходната средба и извештајот на генералниот секретар и извршен директор на ИБА, Крис Робертс. Тој ги истакна достигнувањата во 2024 година, како што се „ИБА Најтс од чемпионс“ и Светското младинско првенство во Будва.

Робертс ја истакна важноста на Програмата за финансиска помош, особено на националните федерации од Африка, и најави планови за проширување на соработката и подобрување на професионалната обука во 2025 година.

Кремлев го затвори Конгресот, нагласувајќи ја важноста да се задржи боксот како обединувачка сила, ослободена од политичко влијание.

„Во ИБА ги почитуваме сите луѓе без разлика на нивното потекло и нема да се мешаме во работата на ниту еден национален член. Напротив, мораме да ги поддржиме сите спортисти и во 2025 година. Ќе бидеме пет пати поуспешни отколку во 2024 година“, вети Кремлев.

Со одобрените, ревидирани годишни сметки и солидна финансиска рамнотежа, Конгресот заврши со потврдување на позицијата на ИБА како лидер во глобалниот развој на боксот и поставување на основите за перспективна иднина.

ХРВАТСКА ЈА НАЈАВИ ПРЕМИН ВО СВЕТСКИ БОКС

Минатиот викенд, токму кога се одржуваше годишниот конгрес на ИБА во Дубаи, Хрватскиот боксерски сојуз го организираше годишното Собрание на кое ја објавија својата кандидатура за членство во Светскиот бокс, оправдувајќи ја одлуката со реакција на иницијативата на Хрватскиот олимписки комитет дека е во најдобар интерес да се задржат вистинските боксери-учесници на Олимписките игри.

Во однос на промената на уставните одредби на ИБА, кои беа усвоени на Конгресот во Дубаи, Хрватите имаат можност да останат во членството на Меѓународната боксерска асоцијација, а дали тоа ќе го искористат не е потврдено на Собранието на ХБС.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО