Киро Здравески награден за постигнувања во областа на џудо спортот со диплома „3 Ноември“

255

На Киро Здравески вчера му беше врачена диплома за постигнувања во областа на џудо спортот „3 Ноември“ на Општина Прилеп по повод Денот на ослободувањето на градот.

На вчерашната свечена седница на општинскиот Совет беа доделени годинешните награди „3 Ноември“.

Награда за животно дело „Златна плакета“, за особен придонес во развојот на
новинарската професија, му беше доделена на новинарот Миле Талески.

Постхумно, „Златна плакета“ за животно дело, за особен придонес и создавање
трајни вредности во музичката уметност, и’ беше доделена на музичката легенда,
Нина Спирова.

Во своето обраќање пред присутните членови на Советот на општина Прилеп и
пред наградените, градоначалникот Илија Јованоски рече дека носителите на
највисоките општински признанија, отсекогаш претставувале најдобри
амбасадори на својот град, Прилеп.

„Одбележувајќи го Денот на ослободување на нашиот град, на сите годинешни
добитници, на нивните семејства, на институциите, стопанските субјекти и
здруженија на граѓани, им ги честитам Третоноемвриските награди. Сите тие се
доказ дека Прилеп бил и останува расадник на вредни, трудољубиви, способни и
талентирани граѓани, кои низ градењето на личните кариери и постигнувањето
врвни резултати и успеси, претставувале најдобри амбасадори на својот град“,
истакна Јованоски.

Во своето обраќање, покрај краткото резиме на постигнатите резултати во
изминатата година, градоначалникот Јованоски се задржа на актуелната состојба
со пандемијата на Ковид-19 која, како и во сите останати земји во светот,
предизвика тешки последици по здравјето на граѓаните, но и по економијата.

За покажана посветеност, одговорност и пожртвуваност при справувањето со
пандемијата на Ковид-19, награда Плакета „3 Ноември“ им беше доделена на:

– Одделот за инфектологија при ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ Прилеп;
– Службата за итна медицинска помош и домашно лекување при ЈЗУ
Здравствен дом Прилеп;
– Одделението за трансфузиона медицина – Прилеп при ЈЗУ ИТМ на РСМ;
– Одделението за епидемиологија при Центар за јавно здравје Прилеп.

За покажана висока општествена одговорност во справувањето со пандемијата на
Ковид-19, добитник на Плакета „3 Ноември“ е компанијата „ГИФТИ ТЕКС“ ДООЕЛ
Прилеп, а за придонес во заедницата преку младински волонтеризам и
хуманитарни активности, Плакета „3 Ноември“, ЛЕО КЛУБ Прилеп.

Добитници на Дипломи „3 Ноември“ се:
– Ванѓел Здравески, член на медицинскиот тим кој ја изврши првата
трансплантација на срце во РСМ;
– Асен С. Стаменов, за особен придонес во развојот на литературното
творештво;
– Киро Здравески, за постигнувања во областа на џудо – спортот;
– Андон Јованоски – Ашата, за постигнувања во областа на театарската
уметност;
– постхумно, Вељко Силјаноски, основоположник на македонската фонетика,
фонологија и компаративна книжевност.

Свечената седница на Советот на општина Прилеп се одржа согласно
протоколите за организирање настани, како и со доследна примена на мерките на
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, за заштита од
Ковид-19.