Карлос Такам: Џојс, доаѓам по тебе

264

Карлос Такам му одговори соодветно на Џо Џојс пред нивниот меч што ќе се одржи на 24 јули во арената ССЕ во Лондон. Борбата е во тешка категорија и е за интерконтинентална титула на ВБО, како и за „сребрената“ титула на ВБЦ.

„Тој рече дека ќе ме прегази? Му посакувам среќа. Се гледаме на 24 јули! Мислам дека не е доволно искусен за да нокаутира некој како мене. Ќе биде голема битка за него“, изјави Такам при слетувањето во Лондон, а пренесе fightnews.com.

„Тука сум затоа што сум подготвен за оваа битка и доаѓам да победам. Сите велат дека тој е тврдо момче, затоа сум тука и подготвен сум за борба. Да ја завршиме работата на 24 јули. Подготвен сум за тогаш. Џојс, доаѓам.

Не сакам да кажам дека погрешија што ме избраа. Ова е добра можност за Џо Џојс и добра можност да се борам во Велика Британија, каде што прават добри работи за боксот.

Џо Џојс, подготвен сум за тебе. Јас сум проблем“, заклучи Такам.

Карлос Такам има вкупно салдо од 39 победи (28 со нокаут), 1 нерешена и 5 порази (3 со нокаут) во професионалната боксерска кариера. Камерунецот, кој се натпреварува под знамето на Франција, е во серија од 4 последователни победи (над Сенад Гаши, Крег Луис, Фабио Малдонадо и Џери Форес).

Џо Џојс нема пораз во професионалниот боксерски ринг. 35-годишниот англиски боксер има биланс од 12 победи на 12 меча (11 со нокаут). Во неговиот последен судир во рингот Џојс му го нанесе првиот пораз на младиот талент Даниел Дубоа, нокаутирајќи го во 10-тата рунда во меч за европската тешкашка титула, онаа на Велика Британија, како и интерконтиненталниот појас на ВБО.