Истрага против поранешниот претседател Обединетото светско борење (UWW/ОСБ)

182

Обединетото светско борење (UWW/ОСБ) соопшти дека ја контактирале Азербејџанската борачка федерација за да добијат повеќе информации за азербејџанските донации на поранешниот претседател на Светското борење Рафаел Мартинети.

Швајцарскиот весник „Ле Матин“ неделава објави дека Швајцарскиот федерален суд му наредил на Мартинети да плаќа данок на износите примени на банкарските сметки на него и неговата сопруга во периодот од 2010 до 2012 година.

Предметните суми се опишани како донации од неименуван член на азербејџанската федерација, кој самиот посакал да даде подарок за семејството. Според медиумите, станува збор за сума од 7 милиони евра.

Изданието тврди дека, откако Мартинети се повлече од функцијата претседател на Светската федерација за борење во 2013 година, Азербејџан престана да ги исполнува веќе потпишаните договори за соработка и помош со раководното тело на борењето.

Швајцарскиот бизнисмен беше претседател на светското борење во периодот 2002-2013 година. Тој засекогаш ќе остане во историјата на спортот со фактот дека во негово време беше изгласано отстранување на борењето од програмата на Летните олимписки игри.

Ненад Лаловиќ го наследи Мартинети пред седум години, при што првата задача на Србинот беше да ги убеди членовите на МОК да не гласаат за укинување на античкиот спорт. Самиот Лаловиќ во моментов е член на Извршниот одбор на МОК.