ИН МЕМОРИАМ: Името на Ајруш Синани ќе биде запишано со златни букви во македонското борење

767

Македонското борење остана без една голема легенда, тренерот Ајруш Синани, кој направи големи имиња во светот на борењето. Синани почина во Скопје по краткотрајно боледување.

Во аналите на македонското борење името на Ајруш Синани (1947) ќе биде запишано со златни букви, затоа што од неговата тренерска работа произлегоа големи асови на борењето, не во македонски и југословенски, туку светски рамки. За тренерската работа, но и кариерата на борач, тој во 2012 година ја доби државната награда „8 Септември“ и и во 2011 година наградата за животно дело на град Скопје „13 Ноември“.

Синани со борење почнува за се занимава во 1954 година во Боречкиот клуб Металург од Скопје, кој е во состав на Железарницата, кој подоцна го менува името во Скопје, па во МИК. Тој бил државен првак, а имал успеси и на меѓународните турнири (Дан Колов, Јашар Догу и др.), како член на репрезентацијата на Југославија. Како тренер на репрезентацијата ја предводи на Спартакијада во Москва и во Франција на „Лермонт Феран“.

Тренерската кариера ја зпочнува 1977 година во БК Лирија од Скопје, каде и што ја звршува во 2002 година. Токму во истата година, по два мандати, го завршува и членувањето во Управниот одбор на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ).

Неговите борачи освоиле преку 40 медали на Олимписките игри, Светските првенства, Европските првенства, Медитеранските игри и Балканските превенства, но и многу државни титули. Лирија во 1983 година е шампион на Југославија.

„Една третина од медалите на Македонија за времето на СФР Југославија се освоени од борачите на Лирија“, истакна во едно интервју за Ипон.мк Синани.

Под негово раководсвто се прославиле многу борачи, а најпознат, вооедно и најуспешен, е олимпискиот шампион Шабан Трсетна, потоа следуваат Бајрам Чероли, Абдула Мемти, Аднан Елези, како и Рефик Мемиши од помладите генерации.

По сите овие успеси во 2002 година става крај на боречката кариера.

„Самиот решив да се пензионирам. Видов дека веќе немаше желба за постигнување на резултати. Повеќе немав желба. Се заститив. Тешко се работи во такви услови. Сум имал среќа што во тие години работев како тренер. Борачите сакаа да постигнуваат резултати, а и јас сакав да бидам прв. Секогаш сум велел дека треба да се работи. Потребни се двајца-борач и тренер, кои ќе се жртвуваат за успехот“, рече Синани во инревјуто за Ипон.мк.

Синани беше строг и бараше дисциплина, а како резултат на тоа доаѓаа и резултатите. За разлика од многу други стручњаци, во последните години знаеше да ги согледа недостатоците во македонското борење и гласно да ги каже. Сепак, беше оптимист дека може да сметаме на нови борачи кои ќе донесат медали од големите натпрварувања.

Сочувство до семејството. Почивај во мир пријателе.