Емил Павлов: Да се запишеш во историјата!? Изгледа не сум свесен за тоа, бидејќи се уште сум активен!

261

Златното момче на македонскиот спорт, Емил Павлов, со својата смиреност секогаш е подготвен да ја израдува нацијата. Така беше и пред пет години кога нашиот каратист вети дека ќе се врати со медал од првите историски Европски игри, или, како што беа наречени Европски олмписки игри во 2015 година во Баку, Азербејџан. Како што рече, така и бидна – Павлов го освои првиот медал за Македонија на Игрите, бронза со златен сјај. Со освојувањето на и на вториот бронзен медал од страна на Мартин Несторовски, каратето стави до знаење дека во моментот е најдобриот македонски спорт.

Медалот беше освоен пред пет години во ова време. Какви се сеќавањата на Павлов од ѕвездениот миг, односно, како го доживеа освојувањето на брозениот медал на првите Европски игри во Баку, Азербејџан?
-Па, можам да кажам дека освоениот медал во Баку многу ми значеше, бидејќи, пред се, беше една година по освоеното злато на Европското сениорско првенство во Тампере – Финска, со што се докажа дека не бил случаен тој успех. По овие успеси мојата кариера одеше во нагорна линија.

Каква беше атмосфера пред поаѓањето, претстојот таму и борбата за медалите?
-Атмосферата пред поаѓњето беше на високо ниво, бидејќи за прв пат имавме соработка со Олимпискиот комитет. Имавме суперподготовки заедно со Мартин Несторовски. Бевме максимално подготвени. Имавме притисок, сите очекуваа добар настап од нас, а ние тоа и го докажавме. Двајца каратисти со норма и освоени две бронзи.

Дали можеше нешто повеќе?
-Секако дека можев. Ако се навратиме на полуфиналето, во кое водев со 4-2 и во последната секунда излегов и бев дискфалификуван. Но, не жалам за тоа, бидејќи така требало да биде. И од порази се учи, за да бидеш подобар во иднина… Така, од мојата грешка научив. Оттогаш не ми се повторило тоа и сега знам како подобро да реагирам во такви ситуации.

Какво е чувството да се запишеш во историјата?
-Да се запишеш во историјата!? Па, изгледа се уште не сум свесен за тоа, бидејќи се уште сум активен. Но мислам дека кога ќе завршам со кариерата и кога ќе сумирам какви се резултати сум остварил, сигурно тоа чувство ќе биде преубаво и неописливо со зборови.

Што работиш сега?
-Во овој период не застанав со тренинзите…постојано бев физички активен, но не со таков интезитет како во натрпеварувачка сезона. Моментално повеќе работам на снага и кондиција и подобрувам некои техники што мислам дека ќе ми бидат корисни во периодот кога ќе имам натпревари.

Петар Белистојаноски, тогашен тренер на карате репрезентацијата

„Мал приказ, одлична форма и беше најдобар во својата категорија, но еден момент на деконцетрација или можеби предвреме го прослави влезот во финалето, го чинеше злато. Борбите во групи ги изработи како што беше договорено, сигурно и без ризик. Првиот меч со Плахутин беше битно да не изгуби и затоа без ни најмал ризик ја однесе борбата во реми. Во второто коло со Французинот ја искористи шансата што му ја дозволи противникот и стигна до победа, а во трето коло против Антиќ и нерешен резултат му одговараше, па се одеше на тоа да помине во полуфиналето“, тврдеше Белистојановски.

„Полуфиналето, се до кобната последна секунда, беше изворедно, целосна контрола и на борба и на резултат, ја замолчи бучната домашна публика. Но, ете, таков е спортот, непредвидлив! Борбата за третото место, повторно против Антиќ, сигурно изработена и не му даде никаква шанса на противникот“, жалеше за пропуштеното тренерот на репрезентцаијата.