ББФФМ бара отворање на теретаните со порака: Спортот е услов за поздрава нација, нација со силен имунитет!

314

Бодибилдинг и фитнес федерацијата на Македонија на 6 мај упати барање до надлежните органи во државата да и се овозможи работа на теретаните во нашата земја со протоколите што ќе ги пропиштат надлежните органи, бидејќи во овој сектор се вработени околу 1000 луѓе, а спортуваат 30 000 лица.

Во целост го пренесуваме барањето на ББФФМ.

„На 6-ти мај 2020 година ББФФМ, како надлежна и одговорна национална федерација која статутарно е обврзана да води грижа за развојот, промоцијата на бодибилдингот и фитнесот, како спортски дисциплини и како рекреативен спорт во С. Македонија, се обрати до надлежните институции со Барање-молба за отварање на теретаните и започнување со нивно функционирање во време на пандемијата зафатена со корона вирусот со однапред дефиниран протокол за нивно функционирање и работење во овие специјални времиња, со ПРЕДЛОГ НА СЕТ МЕРКИ за таа намена.

Истото Барање беше упатено и до сите надлежни институции во државава и по него имаме добиено одговор од страна на Главниот координативен кризен штаб, во кој се вели дека нашето барање е проследено на разгледување и понатамошно постапување до Министерството за здравство, со цел доставување на одговор по Барањето. На двапати го добиваме истиот одговор, но ништо поконкретно. До овој момент, конкретен одговор на нашето Барање немаме добиено, а во истиот момент сведоци сме на олабавување и намалување на рестриктивните мерки во државата.

– Сведоци бевме на целосно укинување на полицискиот час на територијата на целата држава.

– Отварање и почеток со работа на големите трговски центри кои се од затворен карактер, каде има голем број на продавници и каде има голема маса и фреквенција на луѓе во текот на целиот ден.

– Започнување на работа на градскиот превоз, каде во автобусите кои се исто така затворен карактер се собираат и возат голем број на граѓани.

Во меѓувреме теретаните започнаа да работат во нашето опкружување, во соседните држави како Србија, Бугарија, Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Грција, дури и во Италија, каде знаеме какви беа состојбите со корона кризата. Во Унгарија тие и не престанаа со работа, работеа по утврдени протоколи за цело време на кризата. Најавени се отварање на теретаните веќе со почеток на месец јуни во Словенија, Австрија, Словачка, Модавија, Унгарија, Шпанија, Португалија…

Свесни сме дека се наоѓаме во една ново настаната состојба која на сите ќе ни го измени погледот на светот, начинот на функционирање и работење.

Свесни сме дека сега, кога и да е од порано дисциплината е услов за справување со ситуацијата.

Дисциплината и почитувањето на мерките се одлика на секој спортист. Без дисциплина и почитување на мерките и зададените задачи, ниту еден спортист неможе да се надева и да очекува постигнување на врвни резултати и подобрување на формата.

Во моменти кога границите во нашето опкружување се отвараат (Словенија, Унгарија, Србија, Бугарија, Грција), каде владите се подготвуваат да изнајдат начин и мерки за нормално функционирање во состојба на корона пандемијата, ние како одговорна држава мораме да изнајдеме начин, протокол, правилник, за да им се дозволи на сите граѓани можност да работат, функционираат и живеат.

Спортот е услов за поздрава нација, нација со силен имунитет.

И што е поголем процентот на таквото население, сега во време кога доаѓаме до заклучок дека здравството е во одлична подготвеност, тие луѓе ќе бидат силата која дополнително ќе им помогне на институциите во справување со било каков здравствен проблем во иднина.

– Многу е поголема веројатноста заболен човек да посети маркет и трговски центар, отколку да оди на тренинг во теретана.

– Многу полесно е да се дезинфицираат опремата отколку рафтовите и производите на нив кои се продаваат во маркетите, каде никаде нема протокол на колку метри квадратни колку можат да бидат присутни.

– Доколку се работи за ЗДРАВЈЕТО на луѓето, оставете не да спортуваме. И самите рекламирате спортски активности со цел подобрување или зголемување на имунитетот.

– Доколку причината е од финансиска природа, поради која се донесени одлуки за старт на одредени активности и бизнис дејности за работа, не ни го скратувајте правото и ние да работиме, под мерки и услови кои ги предложивме пред 1 на почеокот на месец мај, а и се далеку по професионални од некои кои веќе ги донесовте.

– Потврдата дека има оздравени, а се уште нема лек ни протокол за сигурно лекување, укажува на тоа дека здрав организам и силен имунитет се справува со оваа болест и создава автоимунизација. Дозволете им на поголем процент на населението да живее здраво и функционира нормално.

-Ограничете ги во движење и функционирање и заштитете ги послабите, но дозволете им на мнозинството да биде во психофизичка состојба ПОДГОТВЕНО да се грижи за нив. Во нашата држава има околу 300 теретани кои опстојуваат со години, каде има околу 1.000 лица кои заработуваат за својот живот, каде повеќе од 30.000 луѓе активно спортуваат со цел да го подобрат своето психофизичко здравје, да го зајакнат својот имунитет.

Во нивно име, Бараме да се прифати нашиот Предлог на мерки за заштита на ширење на заразата (можете слободно и да го дополните, доколку има потреба од истото) и да се изнајде начин веднаш да се дозволи почеток на работа на теретаните“.