Ардијан Аземи награден со 100 илјади денари од Град Скопје (ФОТО)

418

Ардијан Аземи доби награда од 100 илјади денари од Град Скопје и плакета.

Денеска освојувачот на бронзениот медал на Европското превнство во бокс за јуниори во Будва, Црна Гора, имаше прием кај градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

„По предлог на градоначалникот Шилегов, за постигнатиот успех на боксерот Ардијан Аземи, Град Скопје ќе му додели награда во износ од 100.000 денари. Врз основа на Програмата за активностите во областа на спортот и младите во град Скопје, Градот Скопје редовно финансиски и логистички ги поддржува спортските клубови регистрирани на подрачјето на град Скопје, како што во овој случај е финансиската и логистичка поддршка на Боксерскиот клуб „Шкупи“ од Скопје, неколку години наназад. Во последниве 6 години постојан член на „Шкупи“ е наградениот 17-годишен боксер Ардијан Аземи, кој со младинската боксерска репрезентација на Република Северна Македонија го постигна најголемиот успех на македонскиот младински бокс, и за првпат по 25 години во младинските категории освои еден од највисоките пласмани на едно европско натпреварување.Градот Скопје финансиски го поддржа и боксерскиот клуб „Шкупи“ така што во 2020 година преку Програмата за Спорт им додели 50.000 денари, а во 2019 година 40.000 денари за активностите на клубот“, беше  соопштено од Град Скопје.

Покрај Аземи на приемот присуствуваа и неговиот тренер Насер Харуни, претседателот на Боксерската федерација на Македонија Примислав Димовски, како и вориот негов тренер Блерим Саити.

На средбата беше искажана благодарност за приемот од страна на градоначалникот Шилегов и вреднувањето на резултатот, што е прв медал во оваа конкукренција за македонскиот бокс.

Ардијан Аземи и неговите тренери ветија максимален ангажман да го повторат успехот и на Светското првенство.

Ipon.mk