Џудистите на Сеишин почнаа со тренинзи на отворено (ФОТО)

128

Џудо клубот Сеишин од Прилеп веднаш по одлуката на ЏФРСМ за отпочнување со тренинзи на отворено согласно критериумите издадени од Здравствената комисија  презеде мерки и активности за спроведување на ваков тип тренинзи.

Сеишинт почна со тренинзи во три термини неделно плус два дополнителни или вкупно пет за повозрасните категории спортисти на отворените терени и игралишта во Прилеп.

Тренинзите после долгата пауза се насочени главно на враќање на кондиционата подготовка на џудистите, силовити вежби и увежбување на џудо техники, вели тренерот Дејан Мицкоски, но исклучиво без партнери и со помош на дополнителни реквизити за таа намена.

„Мораме да споменеме дека клубот се раководи строго по протоколите утврдени за тренинзи од овој тип како што се: држење соодветна дистанца, мерење телесна температура, дезинфекција, работа во помали групи и други правила“, истакнува Мицкоски и нагласува дека со тренинзите раководи стручниот тим тренери носители на мајсторски појаси потпомогнати од носителите на кандидат мајсторски кафеави појаси и асистенти во клубот.

„По долгата пауза, на наше големо изненадување, во тренажниот процес уште на почеток се вратија околу 70 отсто од членовите во сите возрасни категории на нашиот клуб, а во континуитет се приклучуваат и нови членови“, истакнува Дејан.

Тој се надева дека сите заеднички ќе ги пребродат овие тешки состојби и повторно ќе се вратат во спортските сали, на спортските натпревари и ќе освојуваат медали и големи успеси.

Тој потенцира дека раководството на Џудо федерацијата, преку канцеларијата, како за време на прекинот заради пандемијата, така и сега, во континуитет редовно и транспарентно известува за сите случувања околу џудо спортот, како на светско ниво, така и во регионот, при што редовно се анализираат состојбите од страна на стручните тела и органи.

Џудо клубот Сеишин апелира до сите спортисти да продолжат со своите спортски активности со посебен акцент строго да ги почитуваат дадените протоколи кои ги спроведуваат нивните претпоставени во клубовите!

Ipon.mk