Јан Блахович му одговори на Јиржи Прохаска: Полскиот витез против чешкиот самурај!

220

Јиржи Прохаска со нокаут го победи Доминик Рејес во втората рунда на УФЦ на ЕСПН 23 во Лас Вегас, а по борбата го прозва шампионот во полутешка категорија Јан Блахович. Со тој триумф, чешкиот ММА борец стигна до својата втора победа во УФЦ и 12 по ред.

Тој ја изгради својата кариера со одлични настапи во Ризин, а откако дојде во најсилната ММА промоција, само го потврди квалитетот.

Тој би можел да го добие местото на предизвикувач по само два настапи, но прво треба да го чекаме судирот меѓу шампионите Јан Блахович и Гловер Тешеира, кој треба да се случи во септември.

„Еј Јиржи, ти против мене во Циешин. Полски витез против чешкиот самурај“, напиша Јан Блахович на својот Твитер.

Циешин е роден град на полскиот борец и е на самата граница со Чешка.

Кој знае што ќе се одлучи во УФЦ. Најверојатна е борбата меѓу Јиржи Прохаска и Александар Ракиќ, а победникот може да стане првиот предизвикувач, но тука се и Магомед Анкалаев, Ентони Смит…