Страшо Глигоров: Македонија мора да расчисти со лажната, бесправна и нефункционална Федерација за боречки спортови на Македонија и раководство

Тренерот на Безбедност од Скопје, Страшо Глигоров, реагира поради непатувањето на репрезентативките на европското Европското првенство во борење слободен стил, женско борење и грчко римски стил, кое неделава (17-23 Јуни) се одржува во Фиренца, Италија. Но, покрај тоа, посочува и на состојбите во федерацијата, според негово видување.

Во целост ви ја пренесуваме неговата реакција:

„Македонската женска репрезентација не отпатува на Европското првенство во борење слободен стил, женско борење и грчко римски стил, кое неделава (17-23 Јуни) се одржува во Фиренца, Италија. Иако во последните години многу наши спортистки и клубови вложуваат огромни напори, средства и време, во развојот и унапредувањето на овој спорт. Изминатиот период бележиме и одлични резултати на меѓународните натпревари, со што го подобривме трендот и ја зголемивме атрактивноста на овој спорт кај дамите кои сакаат да се занимаваат со овој вид олимписки боречки спорт. Само како пример, би ја навел Бојана Лазаревска, која две години доминира на неколку меѓународни турнири, а минатата година имаше успешен настап на Европското првенство за ученички, по што следуваше и сребрениот медал на Балканското првенство.

Неучеството на Европското првенство во женско борење е голем срам за сите нас, но тоа е последица на една крајно негативна повеќегодишна состојба во македонското борење, изразена преку непочитување на прописите во Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ), како и Статутот, Правилникот на репрезентацијата на Македонија во борење и Правилникот за работа на стручно-тренерската комисија на ФБСМ. Сето ова е последица на дискриминаторски, нефункционални и несоодветни организациски и управувачки компоненти на Федерацијата.

Во прилог на сите овие негативности на состојбите на Федерацијата за боречки спортови на Македонија е и фактот што веќе подолг временски период не се почитуваат и  не се имплементираат соодветни правни механизми од националните прописи и програми –  Законот за спорт, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за еднакви можности на жените и мажите, стратегиите и програмите за заштита од дискриминација и родова еднаквост, како и програмските и правни механизми на Обединетото светско борење (UWW), Меѓународниот олимписки комитет, европските прописи, како и резолуциите на Обединетите нации поврзани со спортот.

Сето ова укажува дека ФБСМ е посебен светски феномен и „султанска федерација“,  во која раководството сака да има права а да нема обврски. Во Управниот одбор, се наоѓаат претставници на клубови, кои се сметаат за заслужни само за резултатите од борење слободен стил. Па, во таа смисла, ваквиот Управен одбор, нема никаков правен легимитет да одлучува за женското борење. Конечниот резултат од ваквиот однос ни покажува максимална дискриминација, неправда, непочитување, но и немање сенс за значењето и основните вредности на спортот.

Во овој момент, логично се поставува и едно друго прашање –  каде се парите од настапот на женските репрезентации на Европското кадетско и младинско првенство во женско борење од 2013 и 2018 година?! Но, веројатно ова е прашање со кое во иднина треба да се позанимаваат и некои други институции. Во контекст на ова би додал дека македонската јавност е веќе запознаена со бројните повеќегодишни недоследности кои се манифестирани во работата на ФБСМ, а дел од актуелното раководство упорно сака да ги прикрие преку практикување на разни неправедни постапки, интриги, недоставување на документи, правни прописи и слично. 

Кое е решението?

Патот на спортот е тежок и напорен, но на крајот секогаш победува. Правдината наскоро ќе излезе на виделина и ќе им докаже на лицата кои ги продуцираа сите негативности дека борењето е спорт, во кој има почит, солидарност, позитивен дух, едукација, интегритет, но пред се вештина и стручност.

Како второ, добро би било да се изгради современа Национална спортска федерација, која ќе одговори на современите барања за развој и унапредување на трите олимписки спортови во борење.

Во овој процес, Агенцијата за млади и спорт треба и мора да има клучна улога, бидејќи природата на проблемите во Федерацијата за боречки спортови на Македонија се од сериозен карактер, во кој доминираат бројни незаконитости и за кои се потребни брзи решенија.

Јас длабоко верувам дека владините институции ќе ги преземаат сите потребни мерки и ќе донесат правилни решенија за надминување на актуалната состојба, а при влечењето на своите потези ќе се потпрат на стручните кадри кои кај нас, сепак, постојат“.

print