За состојбите во Карате федерацијата се расправеше во Собранието, Заев најави дополнителен надзор од Владата

Каратето стигна и на собраниската говорница на 67-та седница на Собранието на Македонија посветена на пратеничките прашања која се одржа на 29 ноември, на која пратеникот Чедомир Саздовски од СДСМ (поранешен каратист и прв селектор на  македонската карате репрезентација на Македонија која на Европското првенство за кадети и младинци во Кардиф, Велс, во 1993 година освои три медали – 1 златен – Елвир Куртановиќ-јуниор и 2 бронзени – Зоран Пејов – јуниор и Ангел Георгиев – кадет) постави неколку прашања до премиерот Зоран Заев, а едно од нив е и за состојбите во Карате федерацијата на Македонија (КФМ).

Саздовски во ведот рече двете прашања ги поставува до Заев, како претседател на Владата, затоа што истите се поставувани до соодветни надлежни држави институции, ама за жал, досега останале без одговор или ако го има, истиот бил неоснован.

„Во врска со првото прашање, сакам да кажам дека во период од декември 2017 година до ноември 2018 година, неколку карате клубови од надлежната Национална карате федерација и надлежниот државен орган за спорт имаат доставено 11 дописи, со барање да се изврши инспекциски надзор над работењето и управувањето на претседателот со Карате федерацијата во целост.

За жал, надлежниот Инспекторат, како и секторот за спорт при Агенцијата за млади и спорт на цели 11 барања доставени од незадоволните клубови од работењето и раководството со федерацијата имаат одговорено само на едно барање, кое ни од далеку не личи на извршен надзор, туку истиот повеќе констатира што одлучиле во Федерацијата, одлуки за кои укажуваат клубовите дека се спротивни на позитивните законски прописи. А клубовите, почитуван премиер, укажуваат на постоење на индиции за сомнително, нетранспарентно и неотчетно управување и финансиско работење на претседателот и Извршниот одбор на Карате федерацијата на Македонија. Укажуваат на селективност во примената на позитивните законски прописи и неусогласеност на Статутот и другите акти на Карате федерацијата со истите.

Непостоење на реизборност на функцијата претседател и носители на други функции во органите и телата на Карате федерацијата на Македонија, кои на овие позиции се повеќе од три мандати. Непочитување и невреднување на стекнати високо стручни и научни квалификации на високообразовна институција во состав на УКИМ за вршење на тренерска работа.

Дозволете ми неколку збора за демократичноста во работата на оваа Федерација. Имено, седниците на Собранието на Карате федерацијата се одржуваат со изнајмени агенти за обезбедување и доколку се појави делегат кој поставува непријатни прашања поврзани со ликот, со делото на засега недопирливиот претседател по кратка постапка и со принуда биде отстранет, да не речам, исфрлен од понатамошно учество на седницата на Собранието.

Со овој пример, почитуван премиер, сакам да укажам на бруталното кршење на човековите права, согласно Европската конвенција за човекови права, чиј потписник е и нашата земја и на најеклатантен начин се легитимира и потврдува самоволието и диктаторското владеење на актуелниот претседател на Националната карате федерација.

Исто така, прашањето го поставувам од аспект на практична имплементација на одредбите од Уставот и позитивните законски прописи со кои се регулира слободното здружување на граѓаните на Република Македонија со барање за заштита на нивните права на слободно здружување и основање на здруженија на граѓани заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, нивно доброволно и слободно пристапување кон нив и за истапување од нив и сето тоа засновано на член 20 од Уставот на Република Македонија, со кој член на граѓаните на Република Македонија им се гарантира слободата на здружување.

Или поточно кажано, Градскиот карате сојуз на Македонија конституиран 1969 година, пререгистриран како првен субјект 2005 година, оваа 2018 година некаде во септември пререгистриран со името Карате сојуз на Македонија. Поднесено барање до Националната карате федерација, бидејќи тоа е уредено со Законот за спорт. Во еден спорт имаме една Национална карате федерација. За членство добивање едногласна и експресна одлука од страна на карате федерацијата, дека карате сојузот на Скопје не може да биде член, согласно, не знам некој член од Статутот на Карате федерацијата.

Значи ли тоа дека Карате сојузот на Македонија во иднина треба да побара членство во некоја од соседните земји, бидејќи имаме примери на клубови кои веќе членуваат во други национални федерации во соседните земји.

Моето прашање се однесува, што, кој и какви мерки ќе преземе Владата на Република Македонија и соодветните надлежни институции, Агенцијата за млади и спорт, Финансовата полиција, Управата за јавни приходи во поглед на работењето и управувањето со Карате федерацијата на Македонија, а и со некои други федерации каде има вакви случаи, ќе биде ли обезбедено и непречено реализирано правото на граѓаните на слободно здружување, пристапување и истапување во и од соодветните национални федерации и други здруженија на граѓани и фондации, како и нивно функционирање во согласност со Уставот на Република Македонија и соодветните закони кои ја регулираат оваа материја“, се вели во обраќањето од собраниската говорница на Чедомир Саздовски до  премиерот Заев.

Претседателот на Владата ,Зоран Заев, на ова прашање одговори: 

„Почитуван пратеник Саздовски, ние многу често и дискутираме и на кафе средбите, и овде во Парламентот и во Владата, имавме и состанок со Карате сојузот, со Градскиот карате сојуз. Во тек сум со случувањата, но дефинитивно се согласувам со вас, кога работите не мрдаат од различни правно формални аргументации, јавната дебата мора да изнајде решение, затоа што Законот за спорт кажува, за еден спорт има една федерација. И, како спортски клуб, во случајот Градскиот спортски карате сојуз, нема можност да се здружува во федерација, кое што право му е дадено и по Устав и по Закон, заради одредени членови согласно Статутот.

И оттука целосно се согласувам со вашата констатација дека е нанесена неправда. Агенцијата за млади и спорт вели, направила надзор, но веројатно самиот надзор до крај не може да ги даде самите решенија и заради тоа стојам на располагање, заедно со двајцата мои советници, едниот за спорт и едниот за млади, заради тоа што си помагаат, да влеземе во дополнителен надзор, за да можеме да одговориме на граѓаните преку вас како пратеник којшто ги застапувате, заради тоа што веројатно се работи за одредени лични односи во самата Федерација, кои што не овозможуваат правото на членување во Федерација кое што е единствено можно во една Федерација, оти во делот на каратето нема друга федерација, како што нема и во делот на другите спортови, да биде остварено. Тоа е уставно право. Во Уставот е загарантирано. Во Законот за спорт е јасно прецизирано и оттука, еве мојот одговор е дека, заедно со советниците за спорт и за млади во Кабинетот во Владата, директно можеме и вас како пратеник да ве повикаме, да ги разгледаме сите елементи и да донесеме управни постапки, односно да дадеме конкретни препораки за да може сето тоа да се заврши.

Инаку, јас знам дека има 30-тина карате клубови во градот. Мене тоа ми е сосема јасно. И редот е, и заради традицијата, од 1969 година, зборувате постои Градскиот карате сојуз, да се одржува, да се здружуваат, да расте. Преку тоа ќе се зголемува и ентузијазмот и на младите кои што сакаме да ги привлечеме да тренираат од најмали години и верувам дека таа неправда ќе ја исправиме сите заедно.

Оваа дебата ја сфаќам како барање на алатка да се изнајде начин како да се оствари законско право кое што Градскиот карате сојуз го има, согласно Законот, а за жал не му е овозможено од Федерацијата.

Колку и да не бидеме стручни во тој дел, јас знам дека вие сте целосно посветени на спортот во целата ваша кариера и мене ми е јасно дека на секој повеќе од јасно треба да му биде дека, ако има една федерација во еден спорт и Градскиот сојуз сака да членува, тоа не му е овозможено, тогаш има неправда.

Таа неправда мораме да ја исправиме. Ви стојам на располагање како претседател на Владата заедно со советниците, со Агенцијата за млади и спорт, неправдата да ја исправиме“.

Следното прашање што го постави Саздовски се однесува на Јавното претпријатие за стопанисување и спортски објекти, за кое смета од неговото формирање (2000 година) до денес се случуваат некоректни работи во делот на финансиското работење. Тој истакна дека е блокирана жиро-сметката околу 15 години со долгови кон доверителите во износ од околу 200 милиони денари, плус законска затезна камата. Поради искажани кумулативни загуби од работењето, според усвоените годишни сметки од преку 460 милиони денари, поради неплатени придонеси за здравствено осигурување, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување на вработените за околу 15 години и поради неисплатени нето плати за неколку поранешни години кон вработените. Според поранешните и соодветни анализи на Министерство за внатрешни работи, невдува Саздовски, со незаконски склучените договори за закуп на државните спортски објекти по непазарни цени, според негови сознанија, Буџетот на Република Македонија е оштетен за над околу 20 милиони евра.

„Со неколку зборови, скоро сите договори за закуп на државните спортски објекти се типично корупциски и криминални, бидејќи најмногу од нив, од неговото основање се склучувани над 30-тина години, па според членот 124 од Законот за сопственост и други стварни права укажува на тоа дека се отвора можноста закупците, во иднина, на незаконски начин да им се овозможи, после извесен временски период поради нивното владеење и нивните наводни инвестиции, да можат да станат стопанственици на државниот имот“, потенцира Саздовски кој наведе неколку примери.

Спортска сала Расадник вели дека е руинирана, уништена, од која произлегле многу врвни спортисти, од ракомет, карате, кошарка, одбојка, а во овој момент е тотално неупотреблива.

„Ќорава пара нема внесено концесионерот од 2002 година наваму во оваа спортска сала. Значи ли тоа, дека нашите деца ќе останат на мрежите надвор, на спортските отворени и затворени терени, талентите затоа што немаат нивните родители соодветно пари да ги плаќаат нивните високи членарини од кои што понатаму и не знаеме каков се профит се вади“, констатираше пратеникот Саздосвки.

Како втор пример ја неведе спортската сала во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ која е градена со пари на Агенцијата за млади и спорт, односно народни пари, а наменета за потребите на студентите од универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

„Кога влегувате во Скопје од десната страна ќе ја видите, сива, немалтерисана, уште стои. Дали е дадена на концесија? Кој стопанисува со нејзе? Веќе, повеќе од 15 години стои затворена, а нашите студенти се со се повеќе и повеќе со огромни деформитети на сопствените тела, заради немање организиран систем на физичко вежбање и спортување“, заклучува Чедомир и наведувајќи го и примерот со ДТВ Партизан „Наум Наумовски Борче“ на каналот во Карпош, поосчувајќи дека не знае кој е концесионер, дали некој управува, дали некој во иднина ќе управува со нејзе.

Тој предложи салата Расадник да се врати на Општина Кисела Вода, Партизан да се даде на општина Карпош или на дел од национални федерации во купче собрани, за боречки спортови, карате, џудо, бокс, аикидо, кик бокс, борење и така натаму.

„Ќе ги вратиме ли овие три спортски објекти на располагање за потребите на младите и граѓаните, како и дали на вработените во Јавното претпријатие ќе им понудиме излезни решенија за санирање на нивната правна и економско социјална состојба, со што на истите ќе им овозможиме да си го остварат своето право на заслужена пензија“, праша Саздовски.

 

„Второто прашање, за спортските сали, во конкретниов случај трите, Расадник, салата во дворот на студентскиот дом во Гази Баба и салата Партизан, се нешто кое што е реално за Скопје, но за жал, иста е реалноста и во Македонија. Јавното претпријатие за стопанисување со спортски терени и објекти е нефункционално. Заглавено е, со години имаат во готово земано пари, сметките блокирани, концесионерите, таму некаде ретки случаи кои што работат како што треба, чесно си ги плаќале сметките, но парите отишле во небрано заради блокирани сметки. Па се труделе луѓето како тоа да го платат, како да го исполнат Договорот, концесија или слично, поради мал милион вакви и слични проблеми, но најмногу заради тоа што салите се запустени во Македонија. А тоа се трајни објекти. Со мали инвестиции може да се стават во функција на спортот, пред се, професионалниот спорт, од пионерски, кадетски категории, па секако до најпрофесионалните категории, но секако да бидат во употреба дури и за школски активности во делот на спортот.

Од тој аспект, она кое што сакам да го знаете, дека како Влада формиравме меѓуресорска група со крајна интенција да ги среди комплетно работите во спортските терени и објекти во Македонија. Свесни сме дека државата дала концесии и оттука има и одредени обврски и одредени права. Но, во моментот го чекаме судското вештачење кое што треба да ги констатира сите состојби, пред се, од правно формален аспект, но овде ќе имаме и опис на состојбите во кои што се. Самото вештачење ќе ги даде алатките на Владата за раскинување на договорите.

Овие денови, мислам дека беше вчера, поставивме вршител на должност, директор на Јавното претпријатие, со цел да заврши работата на Јавното претпријатие. Целта ни е конечна, сите сали да бидат дадени или на општините, или на федерациите. Агенцијата за млади и спорт веќе објави дека на федерациите ќе се доделуваат спортските сали. Некаде на неколку федерации ќе се даде една спортска сала, но барем ќе знаеме кој е одговорен, под кои правила. Имаат буџетски средства федерациите, дел од обврската ќе им биде одржувањето, ама дел можат да си наплаќаат и самите приходи за свое одржување, а може да одлучат токму тие со парите од Буџетот кои што ги имаат и други приходи да дадат и бесплатно термини за тренирање на младите спортисти кои што и те како имаат потреба од час повеќе за нивно спортување професионално, па дури и за рекреативно спортување.

Јас сум приврзаник и Владата ги дава поддршките дека треба да ги децентрализираме и да ги дадеме, или на федерациите или на општините. Општините имаат свои буџети. Тие можат да ги платат луѓето, хигиеничари, електричари, одржувачи на салите и имаат начин како да ја платат струјата или загревањето во зимно време, за сметка на своите граѓани кои што сакаат да спортуваат, соодветно секоја општина во градот Скопје а и во внатрешноста на Македонија.

Јас сум убеден дека и по цена, државата да треба да плати одредени регреси заради прерано раскинување на договорите, треба да го направиме тоа. Заради тоа што се изградени објекти во Македонија, дел се изградени од претходната Влада, што е за почит. Оваа сега Агенција за млади и спорт со новото раководство, благодарение на тоа што нема генерално недостаток на спортски терени и објекти, најголем дел од средствата ќе ги насочува за поддршка на спортот. Еве се носат и последните законски измени за ваучерскиот систем. За да го поддржиме спортот, продолжуваме да градиме и сали и спортски терени таму каде што навистина треба. Но, што правиме со тие што ги има, што се запустени, што никој не ги одржува, што буквално е срам да поминеш покрај нив, а не да влезеш во нив.

Од тој аспект, заклучоци веќе имаме донесени. Интерресорската група ќе ги донесе конкретните заклучоци. Јас верувам дека почетокот на 2019 година ќе имаме средени односи“, одговори премиерот Заев.

Ipon.mk

print

Можеби ќе ви се допадне...