ОАЕ сакаат да бидат домаќини на реваншот меѓу Фјури и Кличко

Klicko Fjuri pozicija udira

Светскиот шампион Тајсон Фјури во реваншот со Владимир Кличко ќе се сретне на 7 мај, но се уште не е одлучено каде ќе се одржи мечот. Постојат неколку опции за арена на на  нивната втора борба за титулата, а во наддавањето се вклучија и Обединетите Аарапски Емирати (ОАЕ). Арапската страна предложила средбата да се одржи кај нив, бидејќи понудата е со посериозна сума, но тоа треба да биде прецизирано со тимовите на двајцата боксери.

Се претпоставуваше дека реваншот ќе се одржи во Велика Британија, а во игра беа стадионите „Вембли“ и „Олд трафорд“, но шампионот Фјури нема ништо против да се откаже од домаќинството, ако понудата на друг домаќин биде повисока. Меѓу опциите за место на големиот настан е и „Алијанц арена“ во Минхен.

„Уште ништо не е одлучено. Многу земји сакаат да го прифатат мечот. Се споменува Германија, но домаќин, исто така, може да бидат Англија или ОАЕ. Засега и Арапите се во игра, но на крајот средбата може да отиде каде и да е.

Ако понудите се слични од финансиска гледна точка, ќе се обидеме мечот да го доведеме во Англија – изјави Питер Фјури, чичко и тренер на шампионот, при што додаде: „Едно е сигурно – овој пат нема да ги има броевите од првиот натпревар. Нема да дозволиме Кличко да ни парви трикови како во Дизелдорф. Рингот ќе е направен како што треба, нема да се караме за ракавиците и сè ќе биде коректно“.

Вчера таборите на двајцата ривали успеаја да го одредат датум за мечот – 7 мај. За разлика од првата средба меѓу нив во ноември во Дизелдорф, сега таа ќе биде за три појаси – на WBA, WBO и IBO. Фјури беше принуден да го врати појасот на ИБФ, бидејќи одби да ја брани титулата против задолжителниот предизвикувач Вјачеслав Гласков. Договорот за првиот меч со Кличко го принуди да му даде реванш на Украинецот, ако го победи, а тоа и се случи.

print