Нурмагомедов: Не сакам да го разочарам татко ми

Непоразениот шампион во лесна категорија Хабиб Нурмагомедов призна дека имало напнатост кај него пред големата борба. Ѕвездата овој викенд ќе се бори против привремениот шампион Дастин Пориер во главната борба на УФЦ 242 во Абу Даби. За прв пат по многу години, Хабиб ќе се бори пред неговиот татко, Абдулманап Нурмагомедов, кој заедно со Хавиер Мендез ќе ја следи средбата од неговиот агол.

Абдулманап пропушти многу борби на неговиот син затоа што има проблеми со визата во САД. Сепак, сега сè е решено, а Хабиб е загрижен да не загуби пред очите на татко му.

„Борбата е многу важна за мене. Семејството, татко ми ќе бидат во мојот агол. Возбуден сум од тоа. Исто така чувствувам возбуда и кај татко ми. Вечерта ќе биде многу, многу добра за нас. Татко ми и Мендез ќе бидат во мојот агол и со нив двајцата до мене, морам да победам. Ова е многу важно“, рече Дагестанецот.

„Се разбира дека има напнатост, ќе излажам ако кажам не. Имам позитивни емоции, но во исто време и напнатост. Татко ми секогаш ми дава позитивна енергија. Ќе видам што ќе биде. Не сакам да го вознемирувам татко ми, кој за прв пат ќе биде во мојот агол “, рече Хабиб.

print