Лара го згази братот на Канело за ВБА појасот (ВИДЕО)

Ерисланди Лара (26-3-3, 15 КО) ја освои испразнетата „регуларна“ титула на ВБА во супервелтер.

36-годишниот Кубанец стигна до својата прва победа за скоро две години нокаутирајќи го во Минеаполис во втората рунда Рамон Алварез (28-8-3-1НЦ, 16 КО), постариот брат на Сол Алварез – Канело.

33-годишниот Мексиканец уште на мерењето остана без прилика да го освои појасот, бидејќи дојде со 72 килограми да се бори во категоријата до 70 килограми. На мечот тежеше дури 80 килограми, но и тоа не му помогна.

Кубанскиот левучар во втората рунда најпрво го погоди со преден, а потоа и со три задни директи кои го исфрлија преку јажињата.

Успеа да одговори на броењето, но беше немоќен пред следниот напад на Лара и судијата прискокна за да го поштеди од понатамошно тепање.

Во 2014 година Лара изгуби многу сомнителна поделена одлука од Канело.

Актуелен ВБА „супер“ шампион во оваа категорија е Јулијан Вилијамс (27-1-1НЦ, 16 КО).

print