ИОК бара државата и националните федерации на заедничка маса да договорат ревизија на спортското законодавство

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) преку Македонскиот олимписки комитет (МОК) бара државата и на националните спортски федерации на заедничка маса конечно да договорат ревизија на спортското законодавство и негово прилагодување со принципите и правилата кои го регулираат олимпиското движење.

Интернационалниот олимписки комитет изминатиов период, како дополнување на претходните дописи уште од 2014 година, испрати нов до Македонскиот олимписки комитет со кој како и изминатите години се бара конечна ревизија на спортското законодавство во земјава. Во таа насока од ИОК повикуваат конечна средба на сите надлежни државни инситуции со Македонскиот олимписки комитет и со националните спортски федерации.

Дописот од ИОК, пак, од страна на МОК и овој пат е испратен до националните спортски федерации но и на највисоко ниво до државниот македонски врв и надлежните државни институции како начин за дополнување на законите за спорт и нивно прилагодување со принципите и правилата кои го регулираат олимпиското движење.

„Екстремно сме среќни што нашиот пристап, на кој инсистиравме и во 2014 година и во 2016 година и на 4. април 2019 година, сега конечно е разбран на највисоко ниво во вашата држава, и дека потребните специфични инструкции од страна на Премиерот ќе им бидат дадени на надлежните органи за да се реши оваа ситуација за кратко време и спортското законодавство да се направи целосно компатибилно со принципите и правилата кои го регулираат олимпиското движење. Со оглед на наведеното предлагаме: Ревизија на спортското законодавство од страна на надлежните органи (во тесна координација и консултација со Националниот олимписки комитет, со националните спортски федерации и како и со Интернационалниот олимписки комитет и соодветните меѓународни спортски организации) за да се направи компатибилно со принципите и правилата кои го регулираат олимпиското движење“ – се вели во дописот од ИОК до МОК, кој е препратен и до сите македонски спортски федерации.

Во таа насока наредниот период конечно се очекува средба на надлежните државни инситуции кои го регулираат спортот, МОК и сите национални спортски федерации да имаат заеднички состанок на кој би се договорила ревизијата на спортското законодавство согласно олимписките начела и принципи.

print