Ивица Милески: Шарпланинец го враќа сјајот на каратето во Тетово

Членовите на Карате клубот Шарпланинец освоија седум медали на полследното Државно првенство за деца во Кавадрци и обезбедија место во репрезентацијата на Македонија за Балканското првенство во Бања Лука во Босна и Херцеговина.

Тетовскиот клуб Шарпланинец е формиран 2010 година од страна на Александар Давидовски (поранешен репрезентативец и освојувач на повеќе меѓународни одличја). Во 2016 година на клубот се приклучува и Ивица Милески, повеќекратен државен првак во младинска и сениорска конкуренција и носител на бронзен медал од Европско првенство во Кипар 2001 година во младинска конкуренција Кипар 2001 година.

„Шарпланинец, иако со некои помали или поголеми финансиски потешкотии, успешно опстојува и е рамноправен член на Карате федерацијата на Македонија и достојно се претставува на многубројни домашни и меѓународни турнири. По повеќегодишна макотрпна и напорна работа членовите на Шарпланинец на последното Државно првенство за деца до 14 години, на наше големо задоволство беа остварени одлични резултати, односно од 8 натпреварувачи 7 се закитија со медали“, вели тренерот Ивица Милески.

Медалите на ДП ги освоија: Михаела Сапунџиевска- златен, Ива Крстевска и Стефан Илиевски – сребрени, Бојан Горгевски, Максим Божиновски, Арбион Велии и Дарио Апостолоски- бронзени.

„По овој одличен успех што го остварија овие деца од градот под Шара, со право можеме да констатираме дека полека го враќаат стариот сјај на каратето во Тетово и успешно зачекоруваат по стапките на своите тренери Ивица Милески и Александар Давидовски, кои што успешно ги водат своите „Шарпланинци“ кон нови победи и уште поголеми успеси, како на домашна така и на меѓународна сцена“, констатира Милески.

Ipon.mk

print