Живко Делевски легенда на каратето во Австралија: За мене каратето е начин на живот и ќе се бавам со карате се додека ме држат нозете!

Годините поминати заедно носат нови вредности, па така и нашата спортска дружба прерасна во верување и пријателства. Тоа е најважното. Ние секогаш сме монолитни, вели нашиот карате шихан Живко Делевски, носител на мајсторски појас осми дан, кој работи и живее во Австралија, а е поборник на традиционалната вештина на карате и е дел од иснтрукторскиот тим на СКИФ (SKIF) – Австралија. Шотокан карате организација предводена од големиот јапонски мајстор соке Хироказу Каназава. Соке Каназава е жива легенда во каратето, носител на десети дан и директен ученик на Гичин Фунакоши кој се смета за основач на шотокан карате стилот.

Шихан Живко почнува да тренира карате во Македонија на почетокот на 1972 година и после шест месеци заминува во Австралија. Неговото карате патешествие продолжува во карате  клубот на сенсеи Франк и Кора Новак. Шихан Живко е всушност првиот ученик не само на овој карате клуб, туку и воопшто во Австралија, кој се стекнал со црн појас во далечната 1975 година.

„Во 1978 година соке Каназава се одвојува од ЈКА, најсилната Јапонска карате организација, и јас заминав со него. Како резултат на тоа во 1986 година соке го формира СКИФ во која денес членуваат 148 земји. СКИФ во моментот е најголема постоечка шотокан карате организација во светот. Соке Хироказу Канзава секоја година доаѓаше во Австралија и одржуваше семинари за нас. Покрај семинарите, одевме и на натпревари. Откако Каназава се пензионира, оваа традиција ја продолжи неговиот најстар син Канчо Нобуаки Каназава. Јас полагав кај соке Хироказу Каназава од втори до осми дан. Во 2012 година положив за осми дан во Сиднеј“, истакнува Живко Делевски, кој летово беше во посета на Македонија, за кого нашите каратисти кои подоцна заминаа во Австралија искажуваат посебна почит, посочувајќи ја токму неговата посветеност на каратето, преку изразена дисциплина и перфекција во работата.

Првиот карате клуб го отвора во 1974 година во Сиднеј, а во 1977 година се враќа во Македонија да го отслужи воениот рок. Веднаш потоа се враќа во Австралија и во 1981 година го отвора вториот клуб. Две години подоцна отвора и трет клуб, а претходните два ги препушта на своите ученици.

Интересно е дека ката и кумите тимот на NSW – New South Walesе десет години по ред  е апсолутен шампион на Австралија, а шихан Живко е дел од овој успешен тим. Сребрен медал во кати освојуваат на Светското првенство на СКИФ во 1983 година во Токио, Јапонија. Во борби Австралија е на трето место, каде шихан Живко по четвртата борба се повредува, што претставува хендикеп за целата репрезентација за влез во финалето.

„На 48 години си реков пак ќе се натпреварувам, но овој пат како ветеран. И просто да не вервуваш, бев прв во кати и втор во борби во отворена категорија во Австралија. На светско ниво сум бил постојано во топ 5 натпреварувачите во двете категории. На СП во Бали бев втор во кати, каде златото го загубив само за 0,01 поен. Додека во кумите (борби) освоив трето место. Натпреварувањето значи да запознаеш други луѓе и да стекнеш нови пријатели. Инаку, во мојата кариера имам тренирано со многу мајстори од различни карате стилови, и сметам дека од секого има понешто да се научи. Во спортот најважно е пријателството “, вели Делевски.

Најголемо спортско достигнување, како што истакнува тој, е кога со синовите направил ката тим и освоиле второ место во Австралија и еднаш прво место во All styles.  Постариот син Дејвид (4 дан) три години бил дел од австралиската репрезентација и три години по ред австралиски шампион во кумите во својата категорија. Додека помладиот син Марко (3 дан) две години дел од австралиската репрезентација и две години австралиски шампион во кумите.

„Уште тренираме традиционално карате, како пред 60 години. Натпреварите се различни меѓу традиционален шотокан и ВКФ. Ние ја задржавме традицијата. За мене каратето е начин на живот и ќе се бавам со карате се додека ме држат нозете. Колку повеќе тренираш толку повеќе учиш. Јас сум доживотен член на СКИФ Австралија, бидејќи сум еден од основачите“, посочува Живко Делевски, истакнувајќи дека во Австралија има повеќе од 50 клубови со повеќе од 1700 активни членови. Оваа организација се разликува од другите по тоа што наместо шеф инструктор има инструкторски тим, во кој се подразбира, нашиот шихан е еден од основачите. Инаку, тој е и судија и суди на големите натпревари, како на годинашново Светско превенство на СКИФ во Чешка.

“Ние што бевме здружени, останавме заедно до ден-денес. Затоа не се разделивме и не определивме шеф-инструктор. На семинарите на ниво на Австралија имаме по 200 до 300 учесници “, вели Делевски.

За разлика од неговото време, тој ги забележува модерните текови на општеството кои влијаат на младите.

„Најмногу ме мачи тоа што во последните десет години децата седат пред компјутери. Многу млади го напуштаат спортот поради денешниот модерен начин на живот“, нагласува тој. Делевски истакнува дека во времето кога почнал да тренира карате децата имале повеќе дисциплина и дека спортот бил многу важен дел од нивниот живот и пријателствата стекнати на овој начин се вечни. Едно од тие пријателства е и пријателството помеѓу шихан Живко и соке Хироказу Каназава кое тој го негува повеќе децении. Делевски истакнува дека соке Каназава е многу едноставен и природен човек, подготвен да помогне во секое време.

Една од најдобрите анегдоти од долгогодишното искуство како карате инструктор е кога како мотивација на почетниците им рекол дека ако продолжат да се занимаваат со карате, се редовни и упорни, дека еден ден ќе бидат дури и подобри од него. На ова изреагирал еден од неговите синови, кој тогаш бил 11-12 години, со зборовите „како тие може да бидат подобри од тебе“. Од друга страна, вели дека во каратето мораш секогаш да учиш, а кога ќего правиш тоа преку кати, тогаш значи дека си стигнал до некое ниво. Во сегашниот клуб на шихан Делевски членовите се едни од најдобрите и најискусните карате мајстори во Австралија (1-7 дан). Тој истакнува дека енергијата, знаењето и ентузијазмот од оваа група луѓе е моторот на СКИА Австралија што придонесува кон постојаното усовршување на каратето во Австралија.

За начинот на кој се доаѓа до мајсторски појас во СКИФ Делевски потенцира дека има одредени временски периоди кога може да се полага до трети дан, а ако некој сака да полага за повисок дан мора редовно да тренира и да биде активен како инструктор.  Ако некој нема клуб и не е инструктор, тогаш мора да помага во организацијата.

Ipon.mk/ В.Д.

print