Во Штип Кирил Ватев го држи вториот тренерски семинар (ФОТО)

Во Штип почна вториот семинар за тренерите со бугарскиот стручњак Кирил Ватев во организација на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ), а во соработка со Олимпискиот комитет на Македонија (МОК).

Вториов семинар ќе трае до недела, а на него присуствуваат тренерите од клубовите во Македонија. Првиот семинар со Ватев се одржа во Скопје во салата на БК Лирија во почетокот на октомври.

Користењето на услугите на бугарскиот стручњак дојдоа во соработка МОК откако ФБСМ го побарала тоа, а МОК го обезбеди и целосно финансиски ја покрива едногодишната програма одобрена од Обединетото светско борење (ОСБ/UWW) и од страна на Меѓународниот олимписки комитет (IOC), наречена „Развој на националната спортска структутра во борење“.

„Оваа програма ќе ја води истакнатиот светски експерт по борење, г-динот Кирил Ватев од Бугарија. Тој со македонските тренери ќе работи во однос на подобрување на комбинираните технички карактеристики и активности во борењето, изградба и потенцирање на основните индивидуални карактеристики на борењето, на откривање, селекција, идентификација и привлекување на млади таленти во борењето, креирање и развој на Национална стратегија во борење, микро и макро планирање на тренажниот процес за борачи пионери, кадети, јуниори и сениори и многу други теми од интерес за соодветен и долготраен развој на борењето.

Оваа програма ќе биде и е отворена за сите борачи, борачки клубови и силни боречки имиња од минатото кои македонското борење ги имало во изминатиот период и кои сакат да придонесат борењето повторно да ги завземе врвните позиции на светско ниво, позиции кои треба да се заслужат со квалитетна и напорна долгорочна работа“, наведоа тогаш од МОК на нивната ФБ страница.

 

Ipon.mk/Д.В.

print

Можеби ќе ви се допадне...