Ангела Мојсовска: ЕП е огромна лекција за мене и показател дека упорноста, трудот и макотрпната работа носат резултати!

Каратистката на Макпетрол, Ангела Мојсовска, иако е една од најмладите прикажа одлични борби на Европското сениорско првенство во Нови Сад, Србија. Малку и фалеше да освои медал по двојанта шанса што и се укажа, и во полуфиналето и во борбата за бронзениот медал, но тежината и значењето на Европското првенство си го направија своето.

И петото место е голем успех за младата каратистка на Макпетрол.

Сепак, Ангела константно покажува напредок, а со настапот на Европското докажа дека македонското карате може да смета на неа и на големите натпревари да постигнува врвни резултати.

Кога веќе легнаа работите и преспа неколку ноќи, сигурно и впечатоците се средија по борбата за бронзениот медал. Што ти фалеше за го освоиш бронзениот медал?
-После неколку дена впечатоците полека се средуваат и секако дека размислував за борбите. Сметам дека во овој мој прв дебитантски настап на Европското првенство, младоста и преголемата желба за успех ме надминаа на теренот.

Дали притсокот беше поголем од полуфиналната борба?
-Можам да кажам дека ова Европско првенство за мене претставува огромна лекција и е показател дека навистина упорноста, трудот и макотрпната работа носат резултати. Исто така, овој натрпевар е мотив плус за мене, да продолжам и во иднина уште повеќе да давам од себе. Притисокот беше подеднакво голем како и во борбата за влез во финалето, но како дебитант, сепак можам да бидам задоволна од себе.

Како се чувствуваше дебитантот на Европското првенство кога за тебе навиваа постарите колеги од репрезентацијата?
-Секој спортист знае колку му е потребна поддршка, посебно во индивидуалните спортови како каратето. Чувството да знаеш дека што и да се случи има кој да те поддржи не се опишува. Пред се, тука е моето семејство кое го следи секој мој чекор и заедно со мене се радуваат на успесите. Тука е и мојот тренер Бошко Заборски кој е постојано со мене и кој од мала го забележа мојот талент и никогаш не се посомнева во мене. Но, сепак, кога сум на борилиште најзначајна е поддршката од трибините на моите другари каратисти. Ние секогаш сме најгласни, навиваме еден за друг и заедно го славиме секој наш успех.

Дали сега ќе одиш на заслужен одмор или?
-По краток одмор од неколку дена се враќам на стандардните тренинзи.

Светското првенство е во ноември, каде што конкуренцијата е многу посилна. Како ќе се подготвуваш и може ли таму да се случи големото дебитантско изненадување?
-Пред сите големи натпреварувања имаме посебен режим на подготовки, и, секако, тренерот го има главниот збор. Очекувањата се секогаш исти. Да се избориш најдобро што можеш, да постигнеш повисок пласман, да дојдеш до медал.

Како беше пречекана во матичниот клуб Макпетрол во кој се пречекани многу медалисти?
-Во мојот клуб Макпетрол заедно ги споделуваме и се радуваме на сите наши успеси.

Ipon.mk/В.Д.

print

Можеби ќе ви се допадне...